Принцезата Шарлин ги откажа јавните обврски во Монако од здравствени причини


Монако – Принцезата од Монако, Шарлин ќе одмора неколку недели и ќе ги избегнува јавните обврски, вклучително и прославата на националниот ден на кнежевството, додека закрепнува од лошото здравје, соопшти вчера кралската палата на Монако.

Палатата соопшти дека Шарлин, поранешна олимпијка, ќе закрепне на тајно место и дека ќе продолжи со јавните должности штом нејзиното здравје ќе го дозволи тоа.

„Период на смиреност и одмор е неопходен за да се обезбеди најдобро закрепнување на здравјето на принцезата Шарлин“, велат од палатата.

„Бидејќи се бореше со лошата здравствена состојба во текот на изминатите неколку месеци, принцезата моментално закрепнува и ќе продолжи да го прави тоа во наредните недели“, се додава.

Шарлин, која се омажи за владетелот на Монако, принцот Алберт во 2011 година на раскошна церемонија, се врати во Монако на почетокот на овој месец, откако помина голем дел од годината во својата татковина Јужна Африка.

Нејзиниот престој во Јужна Африка поттикна шпекулации за потенцијален раскол во кралската двојка – тврдење кое семејството го негираше.

Палатата соопшти дека на принцезата и треба време да се опорави од „состојбата на длабок општ замор“.

Националниот празник на Монако е в петок, иако настаните за одбележување на прославата започнуваат три дена порано.

Принцот Алберт вчера им делеше пакети на Црвениот крст на сиромашните во Монако без неговата сопруга покрај него, изјави портпаролот на палатата за Ројтерс.

Принцезата беше примена во болница во Јужна Африка во септември на лекување поради инфекција на увото, носот и грлото што ја доведе до колапс.

Фотографиите објавени од палатата по нејзиното враќање покажуваат дека Шарлин носи заштитна маска за лице, со едната рака околу нејзиниот сопруг, а со другата ги гушка нејзините деца пред белите скали на палатата.

Јужноафриканскиот News24 ја цитираше снаата на Шарлин и директор на Фондацијата принцезата Шарлин од Монако дека принцезата е „исклучително среќна“ што е дома со своето семејство.

Шарлин исплива за Јужна Африка на Олимписките игри во Сиднеј во 2000 година. (Ројтерс)