Принцезата Јуџин од Јорк роди син, деветти правнук на кралицата Елизабета


Англија– Принцезата Јуџин (30), ќерка на принцот Ендрју и Сара Фергусон, и деветта во редот на тронот, по сестра си Беатрис, и нејзиниот сопруг, менаџер за брендови во Казамигос, Џек Бруксбанк го поздравија своето прво дете, машко бебе.

Бебето е родено денес, потврди Бакингемската палата.

„Кралицата, војводата од Единбург, војводата од Јорк, Сара, војвотката од Јорк и г-дин и г-ѓа Џорџ Бруксбанк се информирани и се воодушевени од веста“, се додава во соопштението. „Нејзиното кралско височество и нејзиното дете се добро“.

Синот на принцезата Јуџин е деветтиот правнук за кралицата Елизабета.

Принцезата и менаџерот се запознале во ноќен клуб во Швајцарија, кога таа имала 20, а тој 24 години, и пред да се свршат биле во врска седум години.

Двојката имаше своја кралска венчавка во капелата Сент Џорџ во замокот Виндзор на 12 октомври 2018 година, на истото место каде се венчаа Меган Маркл и принцот Хари.

Двајцата подоцна објавија дека го чекаат своето прво дете со многу модерна најава: преку личниот Инстаграм на Јуџин.