Прилепскиот „Че Гевара“ утре на распит во полиција
Иван Јованоски, активистот кој го блокираше приодот до Могилата на непобедените и му дофрлаше навреди на премиерот Зоран Заев, за утре е викнат на распит во полицијата. Вечерва на собирот на Левица во ЈНА тој беше дочекан со овации, како херој, иако од многумина неговото однесување беше оценето како простаклук.
Од тоа како го дочекаа и како го славеа сопартијците беше јасно дека тоа што го направи во Могила не било чин на моментален револт, туку смислен инцидент од партијата, која живее во филм дека прави „револуција“ во Македонија. Каква револуција се виде од настапот на еден од кандидатите за градоначалници кој немаше ни говор за настап, ни програма, а во спонтаното обраќање извади еден цитат – што за тоа би „рекол другарот Че (Гевара)“.
Според оценката на лидерот Димитар Апасиев, „херојството“ на Иван покажало дека со храброст и упорност можат многу да успеа,т порачувајќи им на членовите да не се плашат бидејќи „сите сатрапи, од Бранко Црвенковски до Никола Груевски“ паѓале на локални избори. Тој очекува на овие избори Левица да освои 60 советнички места, но не спомена ниту едно градоначалничко, иако неговите кандидати во неколку општини, вклучувајќи го и Петар Георгиевски – Камиказа, кој е кандидат за Скопје, по инерција најавуваа „победа“.
На митингот, кој не беше тоа бидејќи беше во затворено во Домот на ЈНА, и кој не беше ни презентација на политички програми бидејќи сите беа спонтани и никој не се подготвил однапред, главната порака беше дека ако двајца во Парламентот успеале да ја изреметат актуелната политичка структура, тогаш колку ли ќе можат сите 60 што ги планираат да влезат како советници во општините, очекувајќи голем политички пробив потоа на идните парламентарни избори. Колку беа уверливи покажа политичката порака на кандидатот за градоначалник за Скопје кој рече дека нема програма, но сите што имаат ќе зборуваат за нив, а тој сите ќе ги оствари.
-Сите неопределени гласачи овојпат на изборите ќе им пресудат на двете големи политички партии. Се надевам дека во најголем број ќе излезат оние кои не гласале со години. Се надевам на оние кои едноставно им беше се преку глава и сите овие години овие две политички партии направија да се чувствуваат луѓето безнадежни, истакна Петар Георгиевски – Камиказа.