Прилепчанецот Али Фетхи Окјар


Али Фетхи беше посветен либерал и верен кемалист: Ќерката на Али Фетхи, Нермин Ханим, Мустафа Кемал Ататурк и Фетхи Окјар (десно) во Јалова, северозападна Турција, 13 август 1930

Во Македонија малку се знае за Али Фетхи Окјар, прилепчанецот кој во времето на основачот на модерна Турција, Мустафа Кемал Ататурк, се издигна до највисоките врвови на турската власт. Тој беше два пати премиер, претседател на парламентот, долгогодишен пратеник и амбасадор

 

Салим Кадри Керими

Деновиве имав прилика да го прочитам романот на акад. Луан Старова под наслов „Цариградски емигрант“, во издание на „Три“ од Скопје, како и неговото интервју во ,,Независен весник“ (од 5.12.2020) во кое се осврнува на ликот и улогата на Али Фетхи Окјар во создавањето на Република Турција.

Без намера да извршам поопсежна анализа на ова дело, во оваа прилика накусо би кажал дека, авторот – акад. Л. Старова, на нему својствен начин, опишувајќи ја цариградската епизода на емигрантскиот живот на неговиот татко, Ариф Старова, неговите читатели, во куси црти, ги запознал и со животот и делото на Али Фетхи Окјар, вујко на А. Старова и еден од најблиските/најверните пријатели и соработници на основачот на модерна – Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк. Според зборовите на акад. Л. Старова, Али Фетхи Окјар бил „десно рамо“, на Мустафа Кемал Ататурк. Во периодот меѓу 1911 и 1940 година, тој вршел мошне важни должности на воен, политички и дипломатски план. Неговиот живот започнал во Прилеп, каде што се родил (29 април 1880 година), продолжил во Битола, Солун, Софија, Анкара, Триполи, Малта, Париз и Лондон, и заврши во Истанбул, каде што почина (07 мај 1943 година).

Со оглед на фактот дека тој и неговите родители потекнуваат од Прилеп  во знак на сеќавање и почит на оваа мошне важна личност од историјата на Република Турција, кој до последниот момент на неговиот живот копнеел за неговиот родно место Прилеп и за Македонија во целина, во продолжение, во куси црти, ќе изнесам одделни аспекти од неговиот живот и неговиот придонес во развојот на современа Турција, која одсекогаш била/е верен пријател, поддржувач, помагач, а од 2008 година и стратешки партнер на РС Македонија.

Али Фетхи Окјар околу 30 години од својот живот ги поминал на разни општествено-политички должности, вклучително и претседател на парламентот на Република Турција, а во два наврати и премиер на оваа земја. Неговото духовно и умствено оформување започнало уште како ученик во битолските училишта за воено образование, во мошне преломни историски периоди, односно во време кога на повидок бил почетокот на крајот на Османлиската империја. Неколку години по завршувањето на военото образование, на 30 април 1906 година бил поставен на должност во Воената академија во Едрене, за да набргу потоа на 21 август истата година, да биде распореден на командна должност во Третата армиска област, некаде на границата со Грција. Во меѓувреме сѐ до 21 мај 1908 година, кога бил унапреден во чин мајор (binbaşı), тој бил поставен на разни војнички должности, командувајќи и учествувајќи непосредно во разни воени операции. На 21 мај 1908 година бил именуван за командант на Воено-жандермериското училиште во Солун, каде останал околу девет месеци.

На 30 декември 1909 година заминал во Париз како воен аташе на Османлиската империја, кога покрај исполнувањето на редовните обврски, Али Фетхи од близу го проучувал и запознал демократскиот и парламентарен систем на Франција. Додека бил во Париз неколку месеци зел активно учество во битките против Италијанците во близината на Триполи, Либија, од каде се вратил повторно во Париз за продолжување на неговата мисија како воен аташе. По враќањето од Париз извесен период вршел војнички должности во Солун, а во јуни 1911 година бил упатен на должност во Скадар, каде што останал само 2,5 месеци.

Додека се одвивале битките на тлото на Либија, на Балканот започнала Првата балканска војна. Свесни за заканите по опстанокот на Османлиската империја, дел од офицерскиот кадар меѓу кои и А. Фетхи Окјар, се вратиле во Истанбул, од каде биле распоредени на разни воени должности/операции, што се воделе за време на балканските и Првата светска војна. Неговите војнички ангажмани завршиле заклучно со 11 септември 1913 година.

Покрај неговите активности на воен, тој бил мошне активен член и на тајната организација на Младотурците – Единство и напредок (İtihat ve Teraki). Тој, заедно со Мустафа Кемал и неколку други истомисленици биле против мешањето на армијата во политичкиот живот на империјата, за што пак се залагале неколку други водачи на оваа организација. Меѓутоа, тој како и другите истомисленици бил активен учесник во подготвувањето и реализирањето на Младотурската револуција (од 1908 година), а извесен период бил и генерален секретар на таа организација.

Додека траела Втората балканска војна, тој се спротиставил на плановите предводени од Талат Паша за соборување на султанот Абдул Хамид II и за преземање на власта од страна на младотурците. Доследен на овој негов став, тој одбил да учествува во акцијата против султанот. А.Ф. Окјар неколку месеци бил во постојана придружба на султанот А. Хамид, додека тој бил во прогонство во Солун.

Во периодот меѓу 1913 и 1939 година, во три наврати, ја вршел функцијата амбасадор на Османлиската империја во Софија, а потоа како амбасадор на Република Турција во Париз и во Лондон, кога извршувал мошне важни активности во интерес на земјата што ја застапувал.

По потпишувањето на капитулантскиот мировен договор во Севр, во 1920 година, кога територијата на денешна Турција била поделена меѓу победниците на Првата светска војна, Али Фетхи Окјар, заедно со повеќе други познати личности, на барање на странските и пред сѐ британските окупациски сили, биле притворени, а неколку месеци потоа интернирани во Малта, каде како политички затвореник останал сѐ до 30 април 1921 година. По ослободувањето од прогонство на 8 август 1921 година, пристигнал во Анкара, кога активно се вклучил во борбата што ја предводeл Мустафа Кемал против грчките окупатори. Со враќањето во Анкара започнува вториот период од неговиот мошне бурен живот. На 15 август истата година, бил избран за пратеник во парламентот, а истовремено бил именуван за министер за внатрешни работи и на таа функција останал околу две години.

Али Фетхи Окјар, вршејќи ја фунцијата не можел активно да учествува во завршните пресудни битки против грчките окупатори, но затоа пак бил главен учесник во активностите на меѓународен план. Така на пример, по победата на битката кај Сакарја, кон крајот на летото 1922 година, и непосредно пред започнувањето на завршните операции, тој во својство на „амбасадор на мирот“ на владата во Анкара заминал прво во Италија (на почетокот на јули 1922 година), а потоа во Париз (23 јули 1922) и Лондон (3 август 1922), каде што се сретнал со високи функционери на наведените три земји. За разлика од Рим и Париз, каде што наишол на разбирање и одобрување на плановите и условите за постигнување мировен договор, официјален Лондон извесен период се спротиставувал. Меѓутоа, како заслуга на умешните дипломатски маневри на А. Фетхи Окјар, тој преку прес-конференции со новинарите, успеал да ја убеди англиската јавност за потребата од постигнување мировен договор, а со тоа на Мустафа Кемал и на борците им „купувал“ време за подобро подготвување на завршните операции, за дефинитивно ослободување на земјата од грчките завојувачи. Ова мисија А. Фетхи Окјар ја завршил дури на 13 септември 1922 година, кога преку Рим се вратил во земјата, која веќе беше ослободена.

Во неговиот политички живот на два пати бил избран за премиер на земјата – прв пат на 14 август 1923 година. Ова влада останала во фукција до 27 октомври 1923 година, кога Али Фетхи поднел оставка. По потпишувањето на Лозанскиот мировен договор (24 јули 1923) и прогласувањето на Република Турција (29 октомври 1923 година), за нов премиер на Турција бил избран Исмет Инени (İsmet İnönü), а на местото претседавач со парламентот бил постсвен Али Фетхи, на која функција останал една година. Веднаш по тоа бил назначен за главен преговарач на преговорите за одредување на турско-ирачката граница и за решавање на прашањето на Мосул.

По оставката (на 17 ноември 1924) на Владата на Инени, на 22 ноември истата година Али Фетхи, по втор пат, бил именуван за премиер на Република Турција, на која функција останал до 3 март 1925 година, кога поради разни недоразбирања поднел оставка.

Али Фетхи своето образование го почна во военото училиште во Битола

По ова Али Фетхи во март 1925 година бил именуван за амбасадор во Париз, каде останал сѐ до јули 1930 година. За време на престојот на годишен одмор во земјата, во градот Јалова  имал средба со претседателот Мустафа Кемал Ататурк, на која со цел за воведување повеќепартиски систем во земјата, од страна на претседателот Ататурк му било предложено формирање на нова политичка партија во земјата. Прифаќајќи го со задоволство овој предлог, на 12 август 1930 година А. Фетхи ја формирал новата политичка партија – Слободна републиканска партија (Serbest Cumhuriyet Fırkası).

Новоформираната партија предводена од А. Фетхи за кратко време станала многу популарна ширум земјата, а ова многу ги вознемирила и загрижила водачите на партијата на власт – Републиканската народна партија (Cumhuriyet Halk Fırkası) и посебно Исмет Инени. Ова била причина за многу тешки обвинувања на адреса на А. Фетхи Окјар и за чести мошне бурни расправи во парламентот. Мустафа Кемал  Ататурк изгледа затечен од ваквиот неочекуван развој на политичката состојба во земјата, застанал на страната на неговата партија (на власт), со што направил извесна неправда кон неговиот долгогодишен пријател и соработник А. Фетхи Окјар, кој на 17 ноември 1930 година одлучил да ја укине партијата, што претходно ја формирал на иницијатива на претседателот Ататурк. По ова, сѐ до завршувањето на третиот пратенички мандат (во 1931) останал како пратеник – опозиционер во турскиот парламент.

Од 1931 сѐ до април 1934 година, А. Фетхи Окјар останал во Истанбул, а во април 1934 година бил назначен за амбасадор во Англија. По враќањето од Лондон, А.Фетхи Окјар (по петти пат) бил избран за пратеник во Парламентот, кога истовремено околу 2,5 години ја вршел и функцијата министер за правда. По влошувањето на неговата здравствена состојба, во 1941 година, поднел оставка на ова функција, по што се повлекол во Истанбул, каде што  на 7 мај 1943 година, починал. 

Сосема на крај на овој прилог, би сакал да ја потсетам македонската јавност и посебно „татковците“ на градот Прилеп, за животот и делото на нивниот сограѓанин – Али Фетхи Окјар, еден од главните соработници на основачот на современа Република Турција, Мустафа Кемал Ататурк, чиј татко потекнува од с. Коџаџик, РС Македонија. Со овој запис, истовремено сакам да потсетам и на иницијативата и молбата, од пред повеќе години, на внукот на Али Фетхи Окјар, која во писмена форма била упатена до градските татковци на Прилеп, нивниот славен сограѓанин Али Фетхи Окјар постхумно да биде прогласен за почесен граѓанин на Прилеп, со неговото име да биде означена една од улиците на градот или пак некоја институција. До денеска, за жал, во градот Прилеп ништо не е преземено и направено во врска со наведената иницијатива. Единствено, како резултат на 10 годишните напори на Џемил Садулах, претседател на невладината организација „Yakup Efendi“ („Јакуп Ефенди“), од село Дебреште, основното училиште во ова прилепско село пред неколку години беше преименувано со името на Али Фетхи Окјар.

(Салим Кадри Керими е историчар и дипломат од кариера во пензија)