Прилеп, поскромно, по 15-ти пат, ја одбележа градската слава „Свети Никола“


Скромно поради пандемијата, ама со вековни благослови за здравје, духовност и помагање, Прилеп, по 15-ти пат организирано, ја одбележа градската слава, патронот-заштитник Свети Никола кој е и заштитникот на сиромашните, морепловците, на болните и на децата. Се одржа празнична литургија во црквата „Свето Благовештение“ и пред параклисот во центарот на градот.

Домаќинот Тони Тарунџиоски и фирмата „Футура“ наместо лани, во центарот пред камената бина на граѓаните им поделија пакети со посни сармички, грав и риба. Градот ги почитуваше традиците, иако поскромно, нагласија сегашниот домаќин Тони Тарунџиоски и, идниот, Гордан Бошкоски со фирмата „Теракота“.

– На прилепчлани, кои половината го имаат Свети Никола како домашна слава, а другите им одат нагости, им посакувам прво здравје и да не има сите заедно, порача годинашниов домаќин Тони Тарунџиоски.

-Догодина ќе се потрудиме да ги одржиме традициите, и се надеваме дека ова глобално зло-пандемијата, ќе го нема, рече идниот домаќин на градската слава Гордан Бошкоски.

За прилепскиот градоначалник Борче Јовчески традициите се дел од нашиот идентитет, а прилепчани знаат да ги негуваат.

– По 15-ти пат ги славиме градската слава и патронот- заштитник на градот Свети Никола. Прилеп ќе ги чува и ќе ги негува локалните традиции, како и духовноста. Обновувајќи го Прилеп, како препознатлива дестинација за секој турист, гостин, добронамерник, сакаме да нѐ посетат и да го доживеат духот на вековното традиционално наследство, рече Јовчески.

За владиката Петар, во овие тешки времиња ни е потребна духовна преобразба.

– Таа духовна преобразба, според делата на големиот Свети Николај кој делел на сиромашни, гладни, на вдовици, на деца, ги заштитувал морепловците, не само што ќе не обнови духовно но и во сите полиња на живеењето, рече владиката Петар.

Членките од здружението „Преродба“ кое сите години, еден месец пред градската слава, ги правеа подготовките и ги приготвуваа малите посни сарми кои се и Гинисов рекорд, чувствуваат носталгија и на свој скромен начин го одбележуваат градскиот празник. Нѝ недостасува заедништвото, вели Лилјана Ѓоргиоска, претседателка на Здружението.

– Во приготвувањето мали посни сарми, според кои прилепчанки се познати, толку мали како ноктот од прстот, вистинска умешност, сме од 2006 година. А во 2008 година ги свиткавме најмалите посни сарми кои се Гинисов рекорд и до денес не е соборен. Тоа значи дека ние прилепчанки ако пак приготвиме така, само тогаш може да се собори рекордот. Ни недостасуваат дружењето, песната, традиционалните заеднички одбележувања. Како здружение симболично се собравме да „свиткаме “ мала посна сарма и се надеваме дека догодина, по двегодишна „пауза“, пак ќе се собереме во приготвувањето сармички за „Свети Никола“, вели Ѓорѓиоска.

Граѓаните ги нагласуваат благословите за здравје и продолжување на традициите со надеж дека наредната прослава на Свети Никола ќе биде во „понормални“ услови.ем/см/

 

2021-12-19 15:14:39, од Елизабета Митреска, Прилеп