Придобивки и ефекти од користењето на отпаден материјал како енергија во индустријата за цемент


Отпадот примарно претставува проблем за заедницата и опасност по здравјето на луѓето. Секундарно тој е ресурс. Проблемот мора да се решава, а ресурсот да се користи. Според многу анализи јасно е дека 21-от век ќе биде век на градовите, а со тоа и век на отпадот. Во таа смисла, не постои предодреден најдобар начин за преработка на отпадните текови.

Тематската стратегија на Европската Унија за спречување и рециклирање на отпадот е насочена кон користењето на отпадот како ресурс. Примарно, за добивање на суровини и енергија, што всушност претставува и една од целите на циркуларната економија.

Најдобрите достапни техники и технологии се дефинирани со многу регулативи и упатства. За одредени типови на опасен отпад дозволена е термичка обработка, меѓутоа само доколку тоа се прави на доволно висока температура при која што се распаѓаат штетните компоненти.

Енергија од отпад во цементната индустрија

Цементната индустрија се стреми да ја зголеми употребата на алтернативни горива при производството. Со ова се намалува зависноста од фосилни горива и се ублажуваат непосакуваните ефекти врз животната средина.

Користењето на отпадот како алтернативно гориво во индустријата за цемент за прв пат започнало во 70-те години од минатиот век и од тогаш бројот на фабрики што користат вакви горива е во постојан пораст. Развивањето на процесите за третман на отпад најинтензивно се одвива во Р. Германија и е особено изразено по усвојување на Директивата за депонии во 1999-та година. Денес скоро сите поголеми производители на цемент и други градежни материјали го користат отпадот како гориво, кое заменува скоро 70% од нивните потреби за енергија.
Главни корисници на горивото од отпад се цементните фабрики: Cemex, Portlantzementwerk и Heidelberg Cement во Германија, Holderbank во Швајцарија и Ciments D’Obougr во Белгија кои 80-90% од потрошувачката на гориво ја имаат заменето со отпад.

Постојат слични искуства со фабрики во Италија (Ambiente кои успеале својата фабрика во Равена да ја приспособат за користење на отпадот како гориво и Cementerie Merone), Норвешка (Dalen, Brevik, Kjopsvik, Slemmenstad). Во Велика Британија Blue Circle Westbury Works го користи комуналниот отпад уште од 1977 година, а отпадните гуми во BC Hope Work BC Plymstock Works oд 1985 година. Примери има и во САД, каде термичката обработка стана актуелна откако Агенцијата за заштита на животната средина донесе регулатива за заштита и обновување на ресурсите во 1976 година, иако 25 фабрики веќе користеле еден милион тони комунален отпад годишно како алтернативно гориво.


Придобивки од користење на гориво добиено од отпад

Придобивки од користење гориво добиено од отпад во ротациони печки за производство на цементен клинкер се:
– високите температури (1800-2000˚С) на печката гарантираат целосно согорување на отпадот и распаѓање на сите компоненти кои се потенцијално штетни за животната средина;
– временски долга обработка на материјалот во печки на температури над 1100˚С поради нивната должина и бавното ротирање (ова претставува технолошка карактеристика на процесот за производство на цемент);
– нема остатоци од процесот на согорување, сите несогорени компоненти на горивото се вградуваат во цементниот клинкер;
– алкалната околина за време на калцинирањето на клинкерот ја ограничува емисијата на кисели гасови
– рационална инвестиција – постои голема разлика во цената за инвестирање во ротационите печки, споредбено со трошоците за изградба на нова инсталација за согорување на отпад
– нема големи разлики во емисијата на гасови во воздухот во споредба со употребата на фосилни горива.

За процесот на производство на цементен клинкер да биде сигурен и според стандардите за квалитет, само сепарираниот и сортиран отпад со познат состав е погоден за процесот на согорување во цементарниците. Според тоа, следните видови на отпад може да се преработат во алтернативни горива: половни автомобилски гуми; остатоци од месо, коски и животинска маст; пластика; отпад од пакување; отпадно дрво, стурготини и пилевина; хартија и картони; комунална тиња и тиња од хартија; земјоделски и органски отпад; нафтени шкрилци; остатоци од дестилација; кокс од хемиско потекло; отпадни масла и мрсна вода; употребени растворувачи.

За разлика од нив, следните видови отпад не се користат во процесот на согорување: радиоактивен отпад; електричен и електронски отпад; батерии и акумулатори; експлозивен отпад, отпад што содржи цијанид и отпад што дава рекции при контакт со вода; отпад што содржи жива; отпад со непознато и неодредено потекло.

Искуствата од цементарниците кои користат цврсти горива добиени со преработка на отпад како алтернативно гориво покажале дека нема емисии на гас и цврсти честички над вредностите за дозволени нивоа на емисии (Emission Limit Values – ELV). Односно, дека транспортот и согорувањето на отпадот не доведува до влошување на квалитетот на воздухот.

Извор: https://balkangreenenergynews.com/possibilities-effects-using-waste-materials-energy-cement-industry