Презентиран нацрт Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен


Министерството за економија одржа јавна презентација и расправа за нацрт Инвестицискиот план за праведна транзиција изработен во согласност со правилата и насоките од Климатскиот инвестициски фонд. Јавните презентации беа одржани на три локации. Во Битола и Кичево, како најзасегнати региони, јавната презентација се одржа на 12.12.2023, а во Скопје се одржа на 13.12.2023.

Учеството на јавната презентација беше слободно за сите заинтересирани учесници.

Во нацрт Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен се потенцира потребата за декарбонизација на економијата, како и усогласеност со меѓународните договори потпишани од страна на Република Северна Македонија а се однесуваат на индивидуалниот придонес на секоја земја кон намалувањето на глобалните емисии на стакленички гасови, грижата за здравјето на граѓаните, но и економските придобивки од дополнителни заштеди, можноста за отворање на нови работни места, а со тоа и поголема активност и можност за учество во приватниот сектор.

Како што е презентирано во нацрт Инвестицискиот план за забрзана транзиција од јаглен, Република Северна Македонија има поставено амбициозна цел во Националните придонеси кон климатски промени со нето намалување на емисиите на стакленички гасови од 82% до 2030 година во споредба со нивоата од 1990 година.

Клучна активност за ова да се постигне е постепено замена на јагленот како енергенс со обновливи извори на енергија до 2030 година.

Северна Македонија има за цел да го зголеми учеството на обновливи извори на енергија во бруто финалната потрошувачка на 38% до 2030 година.

Со цел да се постигне овој процент, според зеленото сценарио од Националниот план за енергија и клима (НПЕК), потребно е да се постигне значителен пораст во инсталираниот капацитет од обновливи извори до крајот на 2030.

Програмата за забрзана транзиција од јаглен на Климатскиот инвестициски фонд нуди холистички пакет алатки за поддршка на земјите коишто се во процес на транзиција од јаглен, притоа справувајќи се со предизвиците поврзани со управување на процесот на транзиција, луѓето и заедниците, како и инфраструктурата, за целите на обезбедување на праведна транзиција. Вкупната

индикативна вредност за реализација на инвестициите од планот изнесува 676 милиони евра од кои Климатскиот инвестициски фонд обезбедува износ од 85 милиони американски долари, од кои 10% се очекува да бидат во вид на грант. Останатите средства во најголем дел ќе бидат обезбедени од мултилатералните банки во вид на концесиско финансирање, додека удел ќе има и државата како и мобилизација на приватниот сектор.

Процесот поврзан со изработката и имплементацијата на Инвестицискиот план го предводи Министерството за економија со поддршка од МРБ (мултилатерални развојни банки), со значително учество на Владата на Република Северна Македонија, застапена преку повеќе министерства како Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за финансии, Министерство за образование, Министерство за транспорт и врски, Министерство за локална самоуправа, Министерство за земјоделство, шумарство и водоснабдување, општините од засегнатите региони, енергетските јавни претпријатија (ЕСМ, МЕПСО) и други.

Инвестицискиот план дава преглед на локалниот контекст на транзицијата од јаглен на Северна Македонија, опис на рамката за инвестирање, план и инструменти за финансирање, како и преглед на дополнителни развојни активности, рамка на идентификувани ризици и мониторинг и евалуација. Инвестицискиот план ги рефлектира клучните владини приоритети, ги зема во предвид клучните предизвици како обезбедување на сигурност во снабдувањето со електрична енергија и праведност кон засегнатите страни.

Планот се фокусира на најзасегнатите региони – Југозападен и Пелагониски регион и е насочен кон енергетска транзиција поради најголемото учество во емисиите на стакленички гасови. Препознава потреба од зајакнување на мрежата како предуслов за инсталирање на нови капацитети на обновливи извори на енергија. Го адресира човечкиот капитал како клучна и хоризонтална димензија во планот, со фокус на жени и млади.

Дефинирањето на инвестицискиот план се темели врз стратешките документи, тековните планови на директно засегнатите страни и дискусии со национални и локални учесници. Главните компоненти во планот се следните: (1) пренамена на термоелектраните во Битола и Осломеј преку замена на јагленот како енергенс, (2) регионална економска транзиција и (3) програма за енергетска ефикасност, чиста топлинска енергија и децентрализирано производство. Првата компонента е дефинирана во следните три области: (1) пренамена на електраните на јаглен, санација на рудниците за јаглен и пренамена на земјиштето, (2) можности за инсталирање на нови капацитети на обновливи извори и едукација во регионите засегнати од јаглен и (3) зајакнување на мрежната инфраструктура, мрежна флексибилност и балансирање, како и складирање. Втората компонента за социо-економска регенерација на Југозападниот и Пелагонискиот регион се заснова на следните три програми: (1) Програма за зелена економија и раст, (2) Индустриски зони за економска транзиција и (3) Програма за економска регенерација за привлекување на корпоративни, климатски паметни инвестиции. Третата компонента која ја вклучува програмата за енергетска ефикасност, чиста топлина и децентрализирано производство се базира на два пристапи: (1) поддршка на локалните заедници со ефикасни кредити за обновливи извори и (2) поддршка за

помалку комерцијално исплатливи инвестиции во 1) чисто затоплување, 2) енергетска ефикасност на домаќинства и кровни фотонапонски централи за ранливи потрошувачи, 3) јавни згради, а ќе се разгледа и можност за поддршка на развој на енергетски заедници.

На јавната презентација која се одржа во Битола присуствуваа претставници од општина Битола, општина Новаци, локалните јавни претпријатија, синдикати, невладини организации како и приватниот сектор и претставници на меѓународните финансиски институции.

На јавната презентација која се одржа во Кичево присуствуваа претставници од општина Кичево, регионалната комора на Кичево, основните училишта и приватниот сектор и невладини организации.

На јавната презентација која се одржа во Скопје присуствуваа претставници од Министерството за животна средина, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерство за образование, Министерство за финансии, Министерство за локална самоуправа, Секретаријат за европски прашања, Агенција за енергетика, МЕПСО, ЕСМ, НОМАГАС, РЕК Битола, Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, Европската делегација, Светска Банка, IFICO/WBIF, претставници на Стопанската комора, CEE Bankwatch, асоцијации и приватниот сектор.

Дискусијата најмногу беше фокусирана на прашања поврзани со декарбонизација на секторот за електрична енергија, индикативна временска рамка, прашањето со вработените но и сите директно и индиректно засегнати домаќинства, состојбата на локалните економии, а и обезбедувањето на сигурноста во снабдувањето со електрична енергија. Дискусија имаше и околу финансирањето, начинот на аплицирање за одредени проекти, и улогата и вклученоста на засегнатите региони во целиот процес.

Министерството за економија информира дека забелешки и коментари од јавноста може да се достават во писмена форма најдоцна до 29.12.2023 до [email protected].

Министерството за економија го објави нацрт инвестицискиот план и на македонски јазик на овој линк.

По финализирањето на Инвестицискиот план кој го координира Министерството за економија ќе бидат доставени на разгледување и усвојување до Владата, посочуваат од Министерството за економија.