Претседателот Пендаровски го додели Признанието за придонес на припадниците на дијаспората


 

Претседателот Стево Пендаровски вчера го додели Признанието за придонес на припадниците на дијаспората.

Добитници на признанието се Софи и Митре Кутановски од Соединетите Американски Држави, а истото им се доделува за нивниот придонес во поттикнување на економскиот развој на селото Радожда и регионот, како и за продолжување на програмата „Атанас Близнакоф“ и стипендирање на стотици студенти од социјално ранливите групи.

Признанието за придонес на припадниците од дијаспората се доделува за прв пат годинава под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, а е востановено од Македонија 2025 огранок во Република Македонија.

Признанието се доделува на истакнати личности од дијаспората за нивниот придонес во зачувување и афирмирање на македонските историски, културни и духовни традиции и вредности, како и јакнење на државните капацитети, како во земјава така и во странство.

„Се надевам ова признание да биде и дополнителен поттик и мотивација за припадниците на македонската дијаспора да продолжат да ги одржуваат врските со својата прва татковина и активно да учествуваат во нејзиниот развој и напредок. Знаеме дека во време на дигитални медиуми, на социјални мрежи и глобализиран свет, врските меѓу луѓето се воспоставуваат многу полесно, иако, актуелните потреби и предизвици на времето се различни од порано и се разбира, се далеку покомплексни“, рече претседателот Пендаровски.