Претседател ќе биде избран, одѕивот над 40 отсто


Постигнат е потребниот цензус од над 40 проценти за избор на претседател на Републиката во вториот круг на претседателските избори.

Претседателот на Државната изборна комисија Оливер Дерковски вечерва на прес-конференција информира дека излезноста до 18:30 часот изнесува 44,50 проценти.

Тој оцени дека изборите поминале добро, мирно, достоинствено и без поголеми нерегуларности. На избирачките места досега не се пријавени нерегуларности, а за околината се надлежни други органи и доколку има тоа треба да се пријави. Според податоците на ДИК покажуваат дека највиока е излезеноста во општините Крива Паланка каде на гласање излегле 70,49 проценти, а висока е излезеноста и во Гевгелија 66,17 проценти, Битола 53,26, Вевчани 65,23, Демир Хисар 67,12 проценти, Дојран 65,2 проценти, Кавадарци 61,15 проценти, Карпош 55,91 проценти, Крушево 66,97 проценти, Македонски Брод 66,87 проценти… Најнизок е одѕивот во општина Желино и изнесува 15,42 процента, а ниска е излезеноста и во Центар Жупа со 17,43 проценти, Гостивар, Липково и Теарце со околу 23 проценти, по што следат Шуто Оризари со 26,91 и Арачинов со 30,65 проценти.

На локалните избори за градоначалник во општина Ново Село до 18:30 часот гласале 5.683 лица или 50,01 процент, а во Охрид 28.300 гласачи или 54,04 проценти.

Првичните неофицијални резултати од претседателските избори може да се следат во живо на веб страницата на ДИК