Преседан во Јужна Кореја: Судот одобри апсење на актуелниот претседател


Судот во Сеул го одобри апсењето на сè уште актуелниот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук Јеол, како дел од истрагата за прогласувањето вонредна состојба на 3 декември претходната година.
Како што соопшти судот во главниот град на оваа земја во одлука која претставува сериозен преседан, тие добиле барање за распишување налог за апсење на актуелниот претседател, кое тие го одобрија.

Причината за ова, според Ројтерс, е што истрагата се занимава со кривично дело „бунт“, што е дел од законот за кој јужнокорејскиот претседател нема имунитет.

Според одлуката на судот, полицијата во Јужна Кореја има рок до 6 јануари да го уапси Јеол, а потоа правосудните институции имаат рок од 48 часа да одлучат дали ќе го ослободат или ќе побараат притвор.

Вреди да се каже дека Јун Сук Јеол е актуелен претседател, но тој во моментов ги нема овластувањата што доаѓаат со функцијата, поради одлуката на мнозинството пратеници да го сменат од функцијата.

По него власта ја презеде премиерот Хан Дак-Су, кој исто така беше разрешен од парламентот. Актуелен вршител на должноста претседател е министерот за финансии Чои Санг-мок, чиј фокус моментално е истрагата поврзана со трагичната авионска несреќа во која загинаа 179 лица.