Премиерот Фицо ја мобилизираше Словачка за протести против него

Протестите се под слоганот „Словачка е Европа“ и се насочени против авторитарното владеење на премиерот Роберт Фицо


Во петокот на 24 јануари во Братислава се собраа 60.000 луѓе да протестираат против владата

 

Над сто илјади луѓе се собраа во четвртокот и петокот на протестите наречени „Словачка е Европа“. Протести се одржаа во 30 градови низ земјата и во странство. Само во главниот град Братислава, каде протестниот митинг го организираше иницијативата „Мир за Украина“, организаторите проценија дека на Плоштадот на слободата пред владината канцеларија дошле 60.000 луѓе. Ден претходно 15.000 луѓе дојдоа на протест во Кошице.

Луѓето не ги одвратија настаните од минатата недела, кога премиерот Роберт Фицо врз основа на таен извештај на тајната служба, тврдеше дека зад протестите стои странска структура.

„Дали тајната служба нѐ следи – затоа што се плашат од нас?“ рече историчарот и активист Федор Блашчак од Платформата за демократија и Фондацијата Отворено општество на сцената во Братислава за тајниот извештај.

„Ние не сме антидржавни елементи, напротив, ја сакаме оваа земја, сакаме да ја изградиме во обединета Европа, во слободна средина“, рече тој.

„Словачка и Чешка се поврзани садови и затоа мора да се држиме заедно“, рече чешкиот комичар и актер Болек Поливка, кој исто така настапуваше во Братислава. Тој ја цитираше и познатата реченица на Вацлав Хавел дека вистината и љубовта мора да триумфираат над злото и омразата.

„Доста е Фицо“ и „соработник“, извикуваа толпата на почетокот на протестот во Братислава, додека организаторите ги читаа четирите барања на протестите, кои веќе беа искажани на протестот пред две недели.

Иницијативата „Мир за Украина“ објави дека веќе собрала 100.000 евра на јавно прибирање средства. Таа најави уште еден протест на истата локација на 7 февруари.

Околу 10.000 луѓе се собраа на протестот во Банска Бистрица.

Фицо изјави дека разузнавачки извештај ги потврдува неговите тврдења дека опозицијата планирала сценарио „Мајдан“, алудирајќи на масовните протести во Киев во 2014 година со кои беше соборен прорускиот лидер.

Тој ја обвини опозицијата и дека е подготвена „да ја окупира власта во соработка со странски држави и покрај изборните резултати“.

Фицо свика и седница на Советот за национална безбедност, на која зборуваше за „тешката“ и „невидена“ ситуација.

„Тоа е измислена приказна“, возвратија организаторите на протестот на социјалните мрежи.

Тие ја оценија изјавата на Фицо како обид за заплашување додека единствената нивна цел е, велат, мирно да го изразат несогласувањето со тоа во која насока се движи земјата.

Вистинската закана, велат тие, било „мешањето на пријателот (на Фицо) (Владимир) Путин“.

 

Фицо, еден од ретките сојузници на Кремљ во Европската унија, ја приближи Братислава до Москва откако се врати на власт во 2023 година.

Во декември, тој отпатува во Москва за да се сретне со претседателот Владимир Путин, каде што ја критикуваше одлуката на Украина да го затвори протокот на руски гас низ нејзината територија кон Европа.

„Наместо да се занимава со прашања дома, Фицо лета низ светот, им се поклонува на диктаторите и ужива во луксузот“, рече лидерот на опозицијата Михал Шимечка, мислејќи на неодамнешните патувања на премиерот во Русија и Виетнам.

Според Павол Хардос, професор по политички науки на Универзитетот Комениус во Братислава, тенкото парламентарно мнозинство на владејачката коалиција е „кревко“.

Но, тој верува дека владејачката коалиција – која ја сочинуваат националистичката Словачка национална партија (СНС) и партијата Хлас – „веројатно ќе преживее“ засега. Во случај на предвремени избори, тој предвидува дека Словачка ќе се соочи со „зголемена поларизација“.

Во отвореното писмо, повеќе од стотина психијатри и психолози изразија загриженост за моменталната клима, барајќи од премиерот „да го промени своето однесување и да размисли за оставка“.

„Вашите постапки поттикнуваат негативна емоционална атмосфера и го делат општеството“, пишуваат авторите на писмото.

Тие ги осудија, како што наведоа, „манипулирањето со факти“, „лагите“ и повеќекратните „напади“ врз опозицијата и медиумите.