Преговорите за Влада ќе продолжат, од ВМРО-ДПМНЕ бараат чесни и некомпромитирани кадри


Разговорите со Вреди се во напредна фаза, но сѐ уште нема конечен договор, и сѐ до официјализирањето на договорот нема да соопштуваме детали, велат од ВМРО-ДПМНЕ, откако претходната недела се посочуваше петокот како ден за објавување на договорот.  Според уверувањата се прави избор на кадри со високи морални вредности, кои вредно ќе работат на реформските процеси.

„Преговарачкиот процес се базира на принципи, пред сѐ, на евроинтегративниот процес, потоа на борбата против корупцијата како и на потребата од реформи за економски развој.Во тој контекст ВМРО-ДПМНЕ внимава и на персоналните решенија кои се нудат во коалициските преговори, при што истите не треба да бидат компромитирани на кој било начин и да се посветени на работа и реформи. Засега она што може да се каже, е дека преговорите се во напредна фаза, но сѐ уште нема конечен договор, и сѐ до официјализирањето на договорот нема да соопштуваме детали. Се разговара за ресори кои се од економска и политичка природа, но најважното е тие  да ги прифатат принципите на владата  и генералните програмски определби. Во преговорите се внимава на квалитетот на самата поделба и бројката која ВМРО-ДПМНЕ ја има на  освоени пратеници.  Преговорите продолжуваат и во наредните денови“, посочи Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ. 

Со сличен тон вчера се огласи и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од свеченоста по повод одбележувањето на 24-ти мај во струшко Калишта.

„Големата поддршка која ја добивме од граѓаните, значи огромна одговорност да излеземе со чист образ пред граѓаните и да кажеме како стојат работите реално и без разубавувања, но и да направиме брзи резултати. Следува ново поглавје, каде државата се враќа на народот и Македонија мора да има резултати и сила за големи победи. Новото поглавје се темели на одговорност, на морал и вредности кои се обврзувачкото кредо кое мора да се почитува“, посочи Мицкоски.

Според него,  формирањето на владата  е лесниот чекор, а најважниот е да се испорача она што е ветено пред граѓаните.

„За брзо отсега ќе имаме нова влада. Тоа го посакувавме од првиот ден на оваа наша голема битка. Но, формирањето на владата е лесниот чекор, затоа што крупните чекори мора да бидат резултатите кои мораме да ги испорачаме. Многумина се гледаат на  различни позиции, функции и места,  но никогаш тоа за мене не преставувало билет за добар живот, туку обврска за голема одговорност на тој што ја дава оваа власт, а тоа е народот“, посочи Мицкоски.