Преговорите Украина-САД во Џеда „се движат кон својата цел“

Денешните преговори меѓу делегациите на САД и Украина во саудискиот град Џеда на Црвеното Море „се движат кон својата цел“, изјави за време на првата пауза советникот за национална безбедност на Белата куќа, Мајк Волц, пренесе украинската новинска агенција УНИАН, цитирајќи ја американската телевизија Си-Ен-Ен.
„Одиме кон целта“, рече Волц одговарајќи на новинарско прашање за тоа како се одвиваат преговорите. Агенцијата прецизира дека по оваа кратка прва изјава, советникот на претседателот Доналд Трамп и американскиот државен секретар Марко Рубио влегле во лифт.
Според агенцијата, украински претставник претходно им изјави на новинарите дека разговорите „почнале многу конструктивно“.
Агенцијата посочува дека, според извор на украинската јавна телевизија „Суспилне“, делегацијата на Киев одлучила да предложи прекин на огнот на море во конфликтот со Русија и забрана за гранатирање со оружје со долг дострел.
Покрај тоа, претставниците на Украина се подготвени да склучат договор со Вашингтон за да им овозможат пристап на САД до развојот на украинските елементи од ретки земји, додава агенцијата.