Предметите за полицајците од „Пулс“ без обвинител, Трајчева не доби нов мандат


Фото: Б. Грданоски

Ивана Трајчева, обвинителката позната по гонењето на ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, Исмет Гури од ДУИ, застапувањето на предметот „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“, не доби можност да гони организиран криминал, бидејќи не беше избрана повторно откако таа ја заврши истрагата и покрена постапки против полицајците и началниците од МВР, кои ги смета за одговорни во случајот „Пулс“, објави „Скопје1“.

Со ова, еден од предметите, по одложувањата на две судења, ќе припадне во рацете на друг обвинител кој прво ќе треба да се запознае со теоријата на случај и доказите, па да даде воведни зборови.

Изборот се случи денеска оти се чекаше новиот државен обвинител Ненад Савески да даде заклетва и да ја преземе функцијата. Тој пак, кажа дека за сите осум кандидати има високо мислење, но дека предност ќе добијат тие кои што не биле дел од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

„Ме разочарува што за 5 места има 8 кандидати. Порака до сите е да се мотивираат за да може изборот да биде поквалитетен. Да ги мотивираме сите да веруваат дека на секому треба да се даде шанса, а и предложените измени се во таа насока, подолг мандат но без продолжување. Прилика е на секој обвинител да се најде на таа позиција, да напредува во кариерата, а искуството од таму е тој да се гледа и во највисокото обвинителство. И јас ќе гласам за новите тројца кандидати“, рече Савески.

Од Советот посочија дека предметите, како и во сите слични случаи, ќе продолжат со работа преку друг обвинител.