Пратениците расправаат за персоналниот состав на собраниските комисии


Собранието денеска ја почна седницата на чиј дневен ред е изборот на составот на работните тела на Парламентот, предлог кој е усогласен со координаторите на сите пратенички групи.

При утврдувањето на дневниот ред, пратеникот Антонио Милошоски ја повтори забелешката која ја изнесе и на Комисијата за прашањата на изборите и именувањата дека оваа Комисија не може да дава предлози за персонален состав на другите собраниски комисии бидејќи, како што посочи, Собранието претходно на парламентарна седница не донело одлука за нивно основање и за дефинирање на надлежностите.

Затоа побара дневниот ред да биде изменет, односно дополнет и прва точка да биде одлука за формирање на собраниските комисии и дефинирање на нивните надлежности, а дури потоа да се разгледува и гласа парламентарниот состав, што не беше прифатено од мнозинството.

На процедуралната забелешка на Милошоски одговори претседателот на Собранието Талат Џафери кој истакна дека претходната одлука за формирање работни тела или комисии е на сила, и оти нема предлози за формирање нови. На оваа одлука, рече Џафери, се темели и предлогот на координаторите на пратеничките групи за персоналните состави.

Тој појасни дека доколку, според процедурата, на самата седница предлог-одлуката за формирање работни тела се надополни со формирање нови тела различни од постоечките, тогаш во таа ситуација ќе треба Комисијата за избори и именување да има нова седница за персоналниот состав на евентуалните нови комисии.

На дневен ред на оваа седница е и верификацијата на мандат на пратеник на местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.