Пожарот во „Макпрогрес“ пеплоса три од 12 производствени линии, компанијата добива понуди за помош од сите страни


Соопштение - дизајн

Со понуди за помош, поддршка и солидарност се јавиле голем број домашни компании и маркети, деловни партнери и странски инвеститори, институции и медиуми, како и поединци на социјалните мрежи и со купување на производите на „Макпрогрес“ во Виница откако во пожар минатата недела беа уништени производствени погони на фабриката.  Ним им се заблагодари првиот човек на оваа компанија, Глигор Цветанов, на денешниот работен состанок што го организираше Стопанската комора на Македонија (СКМ), на иницијатива на нејзиниот претседател Бранко Азески. 

Целосно уништени во пожарот се три од 12 производствени линии, во кои се прават наполитанки и вафли, и нив извесен период ќе ги нема на пазарот. Цветанов на средбата со голем број стопанственици ја соопшти идната стратегија за обнова на производството и работењето на Макпрогрес која во останатиот дел е во функција. Групацијата има широк асортиман на кондиторски брендови и вкупно 650 вработени. Од пожарот се погодени над сто вработени кои нема да бидат отпуштени туку се прераспределени во други погони. 

За да и се помогне на оваа домашна компанија која, како што беше посочено, за две децении од семејна фирма прераснала во кондиторски бренд во државава, Комората иницира кампања за засилена продажба на производите на Макпрогрес – под бендовите Винчини, Сончева долина, Натура, Дониа, Фантазија, како и голем дел од производите кои се произведуваат под приватни трговски марки на водечките малопродажни синџири на маркети во Македонија. 

Во однос на динамиката за возобнова на погоните, Цветанов соопшти дека преговарале за набавка на нова опрема и за банкарски кредит. Планираат за два месеца да биде оспособена производна хала која постои во близина на фабриката и е 80 отсто подготвена за производство. Со набавка на половна опрема, рече, таа ќе може да работи привремено шест месеци. Имаат ветување за нова опрема за производство на наполитанки и вафли за што се преговара со реномирана швајцарска компанија.

-Мислам дека ако биде се во ред, до крајот на декември ќе ја имаме опремата. На пазарот со овој производ најрано ќе бидеме на средината или крајот на јануари … Има сериозно оштетување на зградата и се уште немаме пристап до неа, така што не би можел да кажам колку време ќе биде потребно, прво да се ослободи, па  да се направат испитувања, а потоа и проект, особено за енергетика. И таа фабрика после ќе ја обновиме за некој нов тип производи. Со редовните производи најдоцна за шест месеци ќе бидеме комплетни. Брзо се преориентиравме и од понеделник почнуваме со 90 отсто од асортиманот да го имаме за сите наши клиенти – и за домашен пазар и за извоз, изјави Цветанов. 

Истакна дека комплетно ќе се посветат на домашниот пазар и производите ќе ги продаваат по пониски и по акциски цени зашто целта во наредните месеци, рече, нема да им биде профит туку обнова на капацитетите и да се задржат на работа над сто вработени од трите производствени линии погодени од пожарот, кои во моментов се прераспоредени на други работни места.  

Како што рече, тимот на нивната компанија е мотивиран да ја обнови соработката со сите големи ланци на маркети за да ги продаваат нивните производи, при што посочи дека со поголем дел од ланците на маркети во државава Макпрогрес има одлична соработка, освен со неколку со кои не соработуваат.

Покрај во наши маркети, нивните производи се застапени во 62 држави на сите континенти – преку директна соработка со маркети или преку дистрибутери. Најсилен пазар им е Централна и Југоисточна Европа, во западна Европа – силен пазар им е и Италија, а во последните три години интензивно се шират на пазарите во Германија. 

Во однос на пожарот, Цветанов посочи дека тој не е почнат од нивната фабрика, дека истрагата трае за што, рече, има масовна документација.

-Додека надлежните не излезат со официјални причини, не можеме да излегуваме со никакви шпекулации. Светла точка од катастрофалниот пожар е што нема жртви и што сите наши вработени беа безбедно евакуирани, додаде Цветанов. 

Претседателот на СКМ Бранко Азески истакна дека Стопанската комора „стопроцентно стои зад Макпрогрес“ и, како што рече, тоа ќе го преточат со низа иницијативи. Во име на Владата апел до домашните компании за солидарност упати и заменик-министерот за економија Марјан Ристески кој присуствуваше на состанокот во Комората.