(Видео) Камбаните бијат за тревога во Пехчево, пожарот се поблиску до градот


Голем пожар се шири во близина на градот Пехчево. На неколку пати бијат камбаните од градската црква за тревога на жителите, сведочат граѓани. 

Локален жител на социјалните мрежи сподели фотографии на кои се гледа дека пожарот кој моментално беснее во Пехчево и побара помош од граѓаните и надлежните.

„Моментално се случува ова во близина на Пехчево. Не можеме сами, ни треба помош”, апелираат локалните жители од Пехчево.

Состојбата според фотографиите можеме да забележиме дека е алармантна и дека надлежните треба да реагираат. Жителите на градотсе организираа и заминаа да помогнат во гасењето на пожарот, кој е стигнат до местото викано Св. Петка, што е многу блиску до Пехчево. Сведоци од терен велат дека се префрлил преку патот, што е многу блиску до првите градски куќи.

Ветрот кој цел ден дува не им е од помош на оние кои го гасат пожарот. 

Без паника, безбедноста на луѓето е на прво место, порача в.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Во тој регион се упатени и три од српските хеликоптери кои пристигнаа вчера за помош.

„Во овој момент пет хеликоптери од кои два македонски и три српски се на пат кон Пехчевскиот регион и заедно, со сета сила, ќе удрат по големиот пожар кој се заканува на околните села. Без паника! Безбедноста на луѓето на прво место! Доколку некој е загрозен од пожарот веднаш нека се оддалечи на безбедно. Нови куќи се прават, нови дрвја ќе пораснат, изгубените животи на луѓето нема да се вратат“, напиша Ангелов на Фејсбук.

Од територијата на Општина Пехчево огнот се шири кон Берово, а беровскиот гадоначалник, Звонко Пекевски, алармираше за ситуацијата и побара од населението да се вклучи масовно во гаснењето.

„Ситуацијата со пожарот, кој избувна во атарот на општина Пехчево е исклучително сериозна и полека но сигурно се префрла и на територијата на општина Берово, кон најблиските села . Пожарот е високо на шумските предели на селата, но се шири на голема површина.На терен се ТППЕ од Берово и Пехчево како и Шумското стопанство, Центарот за управување со кризи и ДЗС. Се апелира до месното население, кон масовно вклучување во гаснењето на пожарот, како би се намалиле последиците и штетите би биле помали.Ви благодариме доколку доброволно се вклучите во гаснење на пожарот!“, повика Пекевски на социјалните мрежи.

Претходно во Пехчево заседаваше Кризниот штаб на кој беа утврдени насоки на делување за справување со пожарот.

Градоначалникот  Драган Тренчовски изјави дека Пехчево се преземени мерки и побарана е помош за справување со пожарот.

-Лоша е стуацијата со пожарот, бидејќи се префрли и дојде во  делот над селата Робово и Умлена. Пожарот е  високо на шумските предели над селата, но се шири на голема површина. На терен се екипи на ТППЕ од Берово и Пехчево, како и од Шумското стопанство, Центарот за управување со кризи и ДЗС, а имаме насоки дека ќе добиеме поддршка од воздух, односно треба да пристигнат два хеликоптера. Исто така, имаме насоки дека ќе добиеме помош од соседна Бугарија од каде е испратена екипа со 25 луѓе, информираше Тренчовски.