Повторно заробена држава

Деспотскиот притисок врз Судскиот совет и оставката на претседателката Весна Дамева се еклатантен доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не може да функционира без да воспостави режим


Бавно, застрашувачки бавно, ама сепак во Македонија расте сознанието дека одложувањето и доведувањето во прашање на преговорите со ЕУ е велепредавство на најзначајните државни интереси. Сѐ повеќе јавни личности, слободно мислечки луѓе, новинари, иако сѐ уште малцинство, предупредуваат погласно, похрабро и аргументирано на катастрофалните последици, доколку потрае самоблокадата на македонските евроинтеграции што ја поставија премиерот Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа злосторство го направија не само како опозиција, туку продолжија и како апсолутна власт со контрола, на како што велат, на двотретинско мнозинство во Собранието, на претседателот на државата, на владата и на големо мнозинство на општините, со силен притисок за партизација на целиот правосуден систем и на сите државни институции и компании.

Во тек е повторно заробување на државата

Последниот случај е скандалот со оставката на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева. Со јавна харанга на Судскиот совет и на претседателката Дамева врз оваа клучна институција на правосудниот систем, чија независност треба да биде свето правило, е извршен уште еден деспотски притисок. Грубите јавни закани на власта и лично на премиерот Мицкоски, од владини функционери, на личности од партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ, почнувајќи од првиот ден по освојување на власта кон институциите на правосудството, се одвива речиси непречено, што јасно кажува дека обидите да се сее страв се дел од стратегијата на владата.

Весна Дамева во јавно обраќање поднесе неотповиклива оставка со храброст за почит. Ѝ соопшти на застрашената и заблудена јавност дека оставката ја поднесува да го заштити своето семејство, себеси и својот углед. Ова што ѝ се случи на претседателката на Судскиот совет во Македонија се одвива со денови во сите државни институции и јавни компании. Илјадници луѓе бескрупулозно се менуваат од своите работни места на кои доаѓаат партиски кадри. Воопшто не станува збор за вообичаените постизборни промени, туку за класични партиски чистки. Многу бргу во Македонија ќе има преки судови за политичките противници, многу поопасни од тефтерчињата за нарачани пресуди од времето на Никола Груевски.

Премиерот Мицкоски отворено кажува дека ќе поставува „свои“ луѓе во судството и обвинителствата. Што е еклатантен доказ дека ВМРО-ДПМНЕ не може да функционира ако не воведе режим. 

Црвените линии на премиерот Мицкоски 

И покрај ваквата моќ, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ уште не можат да ги проголтаат големите лаги и заблуди кои ги доведоа на власт, па сега играат „руски рулет“ со националните и државни стратегиски  интереси, поточно со иднината на Македонија.

Слушам гласини, со неверување, дека во врвот на револуционерната партија се одушевени од одлуката на грузиската влада да ги одложат преговорите со ЕУ до 2028 година. По што САД експресно најавија раскинување на стратегиското партнерство со Грузија. Јас пак сум одушевен од стотиците илјади Грузијци кои излегоа на демонстрации против оваа одлука. Се разбира, кај нас тоа не е можно поради затруената јавност со лаги и манипулации. Дури и да се случи такво нешто, веднаш би било оквалификувано како обид за дестабилизација на државата. 

И на последниот јавен настап на премиерот Мицкоски во врска со нашите преговори со ЕУ, не е одреден само датумот до кога ќе трае блокадата, па да биде исто како Грузија. Дали ќе се самоблокираме до крајот на 2025 година, до локалните избори, до 2026, до предвремените парламентарни избори, додека не се освои нешто повеќе од апсолутна власт, или пак до распадот на државата и ќе бидеме неми сведоци на уште едно упропастување на иднината на државата? 

Како поинаку да се протолкуваат „јуначките“ зборови и пораки на премиерот Мицкоски кога вели: „Нема што повеќе од ова да направиме. Ние како влада повеќе од ова не можеме да направиме. И нема да направиме. Тоа е тоа. Тоа е нашата црвена линија. Ако некој таму во Брисел одлучил да биде заложник на политичари од средниот век, коишто доаѓаат од некои од земјите членки на самата ЕУ, ако некој сака да биде заложник на билатеризацијата го разбираме. Тоа е тоа. Нека нѐ остават да ја решиме домашната задача…“

Што може да се каже на ваквото херојство, достоинство и гордост, освен браво премиере. Само така продолжете. Заробениците на средновековните комшиски политичари заседнати во Брисел мислат дека ние сме ем шуто, ем боде, балафурдија која не знае што сака. Тие немаат поим колку сме јаки и колку е силен нашиот патриотизам и инает. Нека му ја мислат сега тие што ќе прават без Македонија, на какви маки и страдања ќе бидат изложени без нашето членство во ЕУ.  

Најголем стравот од демократско општество 

И сега замислете таа „вавилонска ороспија“ да ни каже ОК, прифаќаме. Завршете ги вашите домашни задачи како што планирате и јавете ни кога ќе бидете готови. Тоа е тоа. „Ништо повеќе и ништо помалку“ со одвратна „дикција“ која не ѝ се допаѓа на претседателката на државата ни. Не било европски и демократски. 

Чекајте малку, а што беше домашната задача. Знае ли премиерот, или некој во ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициони партнери? Дали мислат дека тоа се реформите што ги бара не само ЕУ, туку и сите наши релевантни политички партии и влади, собраниски состави и институции на државата од денот на независноста до сега, вклучувајќи го и ВМРО-ДПМНЕ, макар и декларативно. Можеме ли да ги решиме тие задачи, ако нѐ остават тоа да го направиме сами, како што бара нашиот храбар премиер. Се разбира дека можеме, исто толку колку што во тоа успеавме во изминатите 33 години од независноста до денес.

Единствената пречка беше што во целиот тој период ни даваа финансиска помош. Сега можеме да ја отстраниме и таа пречка и да ја завршиме работата беспрекорно. Не ни требаат ни нивните пари, ни која било поддршка на заробениците на средновековните политичари кои не ни даваат никакви гаранции. Така се брани суверенитетот и самостојноста на државата, да си бидеме свои на своето, па макар „јаделе и корења”. Повозрасните веројатно паметат колку беше силно кажано тоа „ако треба ќе јадеме и корења“ пред крвавиот и трагичен распад на Југославија. Тоа им се случи на заробениците на географијата и на историјата, јадеа и корења и ја загубија државата.

Премиерот Мицкоски, како што вели, не е проблем да се донесат уставните измени и Бугарите да влезат со Хрватите, Црногорците, Евреите и Египќаните заедно со другите делови од народи во Уставот на Македонија. Тој бара гаранции, иако знае дека нема гаранции. Гаранција се успешноста на справување на реформите. Па, од што тогаш се плаши премиерот Мицкоски?

Прво, големиот страв е од реформите. Ако политичкиот натпревар во Македонија почне да се вреднува според успехот во спроведување на тешките реформи кои значат големи промени во сите области и членство во ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ паѓа како зрела крушка. И не само ВМРО-ДПМНЕ, туку многу веројатно уште неколку влади на било кои партии и коалиции. Но, најголемиот страв на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ е од натамошната демократизација на македонското општество. Во тој случај, не ќе може и натаму да се измислуваат непријатели и предавници. А и да се измислуваат тоа веќе нема да поминува во јавноста. Во случај на вистинско демократско општество, станува беспредметно постоењето на револуционерна партија.

(Линк до текстот во Дојче веле овде)