Повторно се пукаше во Ист Гејт, две лица пренесени во болница (ВИДЕО)

Во шопинг центарот веќе пристигнала полиција за брзи интервенции


Во шопинг центарот Ист Гејт во моментов се  случува драма. Според посетители, во шопинг центарот наголемо се пука, а веќе се појавила и интервенира полицијата. Околу десетина припадници на МВР се внатре и тешко е да се каже што точно се случува, додека продавачите фи затвораат магазините и бегаат. 

На 25 август годинава во овој центар исто така имаше пукање предизвикано од мафијашка пресметка. Цел беше триесет и деветгодишниот Р.Т. од Скопје, но тој не беше погоден од куршумите.Тогаш маскираните лица кои пукаа од возило ауди со странски регистарски таблички избегаа од местото, а возилото беше пронајдено запалено кај езерото Треска кон Грчец.

Од МВР известија дека денеска од трговскиот центар Ист Гејт во Скопје е пријавено дека било пукано кон две лица кои се здобиле со повреди и се пренесени во болница за укажување помош. Полициски екипи се упатени на лице место и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Неофицијално во вооружениот напад е ранет Раде Трајковски-Штекли, истиот кој  пред точно два месеци  беше цел на напад во истиот Мол и на истата локација. Нападот се случил околу 14 часот.Двајцата ранети се префрлени во Градската болница во центарот на Скопје. Едниот со потешки рани е префрлен на Клиничкиот центар, додека за второто лице се подготвува хируршка операција во болницата Наум Охридски. 

Информацијата  ја потврди директорот на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, Љубен Арсенков.

– Двајца пациенти се примени во болницата, станува збор за две машки лица. Едниот пациент е задржан кај нас, веднаш е однесен во операциона сала поради сериозноста на повредите. Во моментов се изведува оперативен зафат кај овој пациент. Во тешка состојба е и врз него се врши оперативен зафат поради повреди во стомакот и во градната шуплина. Другиот е препратен на Клиниката за торакална хирургија. И кај едниот и кај другиот пациент се работи за прострелни рани, појасни Арсенков. По завршувањето на операциите пријателот на Раде Трајковски , кој е потешко повреден, беше ставен на апарати за дишење но состојбата му е стабилна. 

Подоцна МВР ја информираше јавноста дека на фотографијата обезбедена од полициските служби е лицето што го изврши кривично-правниот настан.

-Ги повикуваме сите граѓани доколку го забележат ова лице, имаат било какви сознанија за него или корисна информација која може да помогне во истрагата која СВР Скопје ја води во координација со Јавен обвинител, веднаш да известат во најблиската полициска станица или да пријават на  телефонските броеви 192 или 112, повикаа од МВР.

Порталот Курир објави и видео од настанот на кое се гледа како на двајцата повредени пука лице со пиштол и заштитено со капа.