„Повеќе дознавам од весниците отколку од вас“: Борел ги критикува европските дипломати

Шефот на европската дипломатија се пожали на работата на дипломатските претставништва на ЕУ


 

Највисокиот функционер за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, ги обвини своите највисоки дипломати дека се бавни, неефикасни и снисходливи кон земјите во кои работат, обвинувајќи ги и за неуспехот да ја предвидат руската инвазија на Украина, објави „Гардијан“.

„Ова не е време кога ќе ви испраќаме цвеќе на сите вас, велејќи дека сте убави, многу добро ви оди и ние сме многу среќни“, им рече Жозеп Борел на амбасадорите, кои работат за Европската служба за надворешни работи.

Борел, поранешен министер за надворешни работи на Шпанија, со репутација дека е отворен, се пожали дека глобалната дипломатска мрежа на ЕУ е помалку информативна отколку читањето весници. „Понекогаш знаев повеќе за тоа што се случува некаде читајќи ги весниците отколку кога ги читам вашите извештаи“, рече тој.

„Морам да бидам најдобро информираната личност на светот“, нагласи Борел, упатувајќи им подобро да реагираат на кризите што се развиваат. „Однесувајте се како кога би биле амбасада: пратете телеграма, е-пошта – брзо. Ве молам, реагирајте брзо“.

Тој додаде дека ЕУ не предвидела дека Русија ќе ја нападне Украина и мора да се потпре на предупредувањата од САД, особено на телефонскиот повик од американскиот државен секретар Ентони Блинкен два дена пред инвазијата. Морам да признаам дека овде во Брисел Американците ни велеа дека „ќе нападнат, ќе нападнат“, а ние не бевме многу склони да веруваме во тоа.

Додека публиката седеше во тишина, Борел ги обвини своите дипломати за недостаток на емпатија.

Изразувајќи долгорочна загриженост, Борел рече дека ЕУ ја губи „битката на наративи“ со Русија и Кина, кои распоредија тролови да ги шират своите пораки низ светот. „Ова е битка што не ја добиваме затоа што не се бориме доволно силно“, нагласи тој, критикувајќи ги дипломатите на ЕУ што не ги ретвитувале неговите објави на блог или твитови. „Сè уште сум изненаден што во некои делегации се чини дека не обрнуваат доволно внимание на нашата комуникација и не ги твитаат и ретвитуваат пораките што ги испраќаме од центарот. Мора да бидете мрежа која повторува, пренесува, инсистира“.

„Гардијан“ забележува дека иако Борел никогаш не се задржал на своите критики за она што тој го гледа како недостатоци во надворешната политика на ЕУ, невообичаено е висок европски функционер да упатува таква критика кон својот персонал.