Потребни се мерки и за големите компании, порачува Стопанската комора


Оваа криза е одлична можност, сите заедно, да отвориме суштински важни теми, не само за економијата, туку и за други аспекти на македонското општество: Зоран Јовановски

Нереално е да се очекува дека во кризата македонската економија ќе помине како ништо да не било, вели Зоран Јовановски

 

Стопанската комора на Македонија смета дека измените кај економските мерки за поддршка на фирмите се добри, но и дека во ваква драматична глобална криза е нереално да се очекува дека македонската економија ќе си помине како ништо да не било. Зоран Јовановски, главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора за економски прашања вели и дека се потребни и мерки за големите компании, оние што можат најсилно и најбрзо да ја повлечат македонската економија кога животот донекаде ќе се нормализира. Во продолжение го пренесуваме неговото обраќање во целост:

„Најновите измени што Владата ги направи кај економските мерки носат можности за приватниот сектор за да може полесно да се справи со последиците од економската криза. Добро е што се предвидува вбризгување на значителен износ свежи пари во економијата, се отвораат можности за комбинирање на различни мерки заради поголема помош на фирмите, се отвораат можности за претворање на помошта во неповратни средства, итн. Но, ова е добар момент да истакнеме неколку работи.

Прво, има значителни реакции во однос на флексибилноста околу тоа колку вработени треба фирмите да задржат на работа за да ги користат мерките. Треба сите да разбереме дека никој во приватниот сектор не сака да отпушта вработени. До пред неколку месеци фирмите се жалеа дека не можат да најдат работници, а во тие што ги вработија инвестираа значителни средства за да ги преквалификуваат и обучат соодветно да можат да ги вклучат во процесот на производство. Значи, секоја фирма што има можност, сака да ги задржи вработените, инвестирала во нив, во нивната обука итн.

Притоа, не смееме да ја игнорираме реалноста. Во моментов, целата светска економија е разнишана. Во САД дури 30 милиони луѓе останаа без работа за само шест недели. Светската организација на трудот проценува дека 12 милиони луѓе во Европа ќе останат без работа во текот на 2020 година и тоа зборуваме само за вработени со полно работно време. Во март продажбата на автомобили во Европа е намалена за 52 отсто, тоа е најголемиот месечен пад во историјата, во април падот е уште поголем. Во вакви околности, во ваква драматична глобална криза, да се очекува дека македонската економија ќе си помине како ништо да не било, е нереално. Па сепак, ние не видовме досега вакви лоши движења на пазарот на работна сила во земјава. Досега, приватниот сектор, во рамките на своите можности, го апсорбираше ударот од кризата.

Второ, и понатаму останува отворено прашањето за помошта кон големите компании, оние што можат најсилно и најбрзо да ја повлечат македонската економија кога животот донекаде ќе се нормализира. Да не заборавиме, компании гиганти како што се ‘Форд’, ‘Боинг’, ‘Ербас’, ‘Луфтханза’ бараат помош од државата. Нема решенија што се добри за сите, треба да се оди и со диференцирани решенија за различни видови компании.

Трето, постојнава економска криза многу добро покажува зошто е исклучително важно во една земја да има функционален разговор и договор помеѓу социјалните партнери, Владата, синдикатите и работодавачите. Уште на 20 март, Стопанската комора на Македонија посочи дека сите ќе бидат погодени од кризата, повеќе или помалку, порано или подоцна, посочи дека државата треба на краток рок да го спасува приватниот сектор, а потоа приватниот сектор да ја спасува државата и посочи дека товарот од кризата треба сите подеднакво да го понесеме. Еве сме сега, 40 дена подоцна, целиот товар од кризата е паднат само на грбот на приватниот сектор и тоа е факт. Затоа е важно да се обнови економско-социјалниот дијалог во земјата и тоа на највисоко ниво, каде што Владата ќе ја претставува премиерот, а ќе бидат вклучени синдикатите и претставници на работодавачите. Само така може да се дизајнираат добри и долгорочно одржливи решенија што ќе обезбедат подобра економска иднина на земјата.

Четврто, очигледно е дека економските мерки се дарежливи толку колку што има расположливи финансиски средства за поддршка на приватниот сектор, народски кажано, колку што е долга чергата толку е голема и помошта. Сега е добар момент да се запрашаме зошто е толкава чергата, што правеше оваа наша македонска држава низ годините и децениите наназад за да биде толкава чергата? И уште поважното прашање е: што можеме да направиме за да ги промениме работите после кризата?

Оваа криза е одлична можност, сите заедно, да отвориме суштински важни теми, не само за економијата, туку и за други аспекти на македонското општество. Прашањето не е сако како ќе ја пребродиме кризата, туку и што ќе правиме после неа?“