Потребен е национален систем за управување со земјоделска пластика, а управувањето е клучен чекор кон одржливо земјоделство


Каква е актуелната регулаторна рамка за земјоделската пластика во Македонија? Колку и како се користи земјоделската фолија во производството? Што се случува со фолиите по нивната употреба – кој е нивниот третман и влијание врз животната средина? Кои се најважните препораки за оптимално системско решение и европски практики што може да се применат кај нас? На овие прашања денеска се дискутираше на работилницата „Управување и рециклирање на пластична фолија за земјоделските култури во Македонија“, организирана од Општина Струмица, со поддршка на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост-„ИМЕ“.

Според Ана Каранфилова Мазневска од Министерството за животна средина и просторно планирање потребен е поголем ангажман на инспекциите за да може законот да се спроведе, но и потребна е поголема одговорност на земјоделскиот производител по пример на други европски земји

-Мора да се зајакне инспекцискиот надзор. Без солиден инспекциски надзор нема да има решение. Значи, Државниот инспекторат за земјоделство треба да спроведува позасилени контроли, рече Каранфилова Мазневска.

Горан Дамовски, тим лидер на Швајцарската програма за зголемување на пазарна вработливост,смета дека од контактите со претставниците на земјоделскиот и туристичкиот сектор е забележано дека попстапување со земјоделската пластика претставува огоромен проблем, пред се за исполнување на европскитре стандарди за воведување на одржливи практики на производство, но и проблем од аспект на туризам и заштита на човековата околина.

-Вкупниот впечаток на туристите што доаѓаат во регионот, а имаме сериозни инвестиции во туризмот, сите се засегнати и оневозможени да ја продаваат својата услуга и своите сервиси кон финалните купувачи, туристите доколку околината ни е таква каква што е, смета Дамовски. 

Според Томе Марангозов од Општина Струмица регионот е препознатлив како срцето на македонското земјоделство. 

-Зголеменото производство носи свои предизвици, особено во делот со управување со отпадот. Наша обврска е да размислуваме за тоа каква животна средина ќе оставиме на следните генерации. Решението треба да биде колективно и да вклучува силна координација меѓу јавниот, приватниот сектор, земјоделските производители и осатанатите чинители, посочи Марангозов.

Анета Дамјановска, национален координатор во Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, нагласи дека справувањето со отпадот претставува исклучително важно прашање, особено во контекст на меѓународните стандарди што компаниите треба да ги исполнат за да имаат пристап до европските пазари. 

Презентираната анализа покажа дека употребата на земјоделска пластична фолија бележи континуиран раст, особено кај мулч-фолиите и биоразградливите фолии. 

На денешната работилница беа предложени низа конкретни мерки за подобрување на управувањето со земјоделската пластика. Беше нагласена потребата од воспоставување систем на проширена одговорност на производителите со јасно дефинирани обврски за производителите и увозниците. Оваа мерка треба да биде придружена со измена на постојната законска рамка или донесување посебен закон за управување со земјоделска пластика, со кој ќе се опфатат пластенички, мулч и силажни фолии, агротекстил и други производи што се користат во земјоделството.

Дополнително, беше предложено воведување на еко-надоместок за производителите и увозниците, кој ќе обезбеди финансиски средства за собирање, транспорт, рециклирање и едукација. За координација на националниот систем, се препорачува формирање колективен постапувач, кој ќе ја организира целата мрежа на активности.

Во насока на практична имплементација, беше истакната потребата од развивање регионални собирни пунктови во најинтензивните земјоделски региони, како и поставување постепени национални цели за собирање и рециклирање со јасни индикатори за следење на напредокот.

Покрај тоа, учесниците ја нагласија важноста од зајакнување на инспекцискиот надзор за да се намали палењето и неконтролираното отстранување на отпадните фолии. Беше предложено и спроведување континуирани едукативни активности за земјоделците, насочени кон правилно чистење и предавање на отпадните фолии на овластени оператори. Беше истакната и потребата од подобрување на системот за статистичко следење и известување преку воспоставување јасни насоки за класификација и евиденција на земјоделската пластика.