Последни подготовки пред инаугурацијата на Пендаровски
Во Собранието на Република Северна Македонија се прават пооследните подготовки пред почетокот на свечената седница за инаугурација на новиот претседател Стево Пендаровски. Сé уште пристигнуваат делегациите кои ќе ја проследат инаугурацијата на Пендаровски во Парламентот.
На инаугурацијата на Пендаровски ќе присуствуваат бугарскиот претседател Румен Радев, српскиот претседател Александар Вучиќ, албанскиот претседател Илир Мета и косовскиот претседател Хашим Тачи. Присутни ќе бидат и министерот за надворешни работи на Црна Гора Срѓан Дармановиќ, грчкиот министер за надворешни работи Георгиос Катроугалос, заменик министерот за надворешни работи на Полска Мациеј Ланг, турскиот заменик министер за надворешни работи Фарук Кајмакчи и висок претставник на кабинетот на претседателот на Словенија Борут Пахор.
Покани за присуство на инауграцијата преку Министерството за наворешни работи се испратени до сите шефови на држави членки на НАТО и ЕУ, вклучувајќи ги и претставниците на Европската комисија, како и од земјите од регионот.
На свечената седница ќе присуствуваат членови на Владата, а се очекува да бидат присутни и пратеници од сите пратенички групи.
Секој момент се очекува во Собранието да пристигне и новиот претседател Пендаровски.
Во зградата на Собранието се веќе пристигнати дел од претставниците на дипломатскикот кор меѓу кои и амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, холандскиот амбасадор Пломб и други.
Инаугурацијата во Собранието исто така ќе ја проследат бројни новинарски екипи од земјава и од странство.
Откако Пендаровски ќе даде свечена изјава и и ќе се обрати пред пратениците, најавен е свечен коктел. Претставници на пратеничките групи во Собранието најавија изјави за медиумите по обраќањето на Пендаровски.
Според информации од Собранието инаугурацијата ќе ја проследат медиумски екипи и од регионот како Бугарија, Грција, Србија и други.
Околу собраниската зграда е засилено и полициското обезбедување.