Пошта доби зелено светло од Владата за преговори со банките
Македонска пошта денеска доби зелено светло од Владата преговара со банките за извршување на платниот промет, кој беше прекинат со пропаѓањето на Еуростандард банка. Ова беше одлучено на денешната владина седница на која точката беше најавена од страна на премиерот Зоран Заев, пред доделувањето на мандатните писма на новите министри.
Пошта имаше ексклузивен договор со Еуростандард банка на 15 години за вршење на платниот промет на над 300 нејзини шалтери ширум земјава. Но, по одземањето на дозволата и почнување на стечајна постапка за банката, поштата ја изгуби можноста да врши платен промет, но и да исплаќа пензии и социјална помош, што значеше големи загуби за поштата.
Директорот на Пошта, Ејуп Ристеми за Сител изјави дека уште утре ќе свика Управен Одбор на кој ќе се дефинираат критериумите за избор и ќе се повикаат сите банките да достават понуди.
Инаку, денес средба во Владата имаа и од Синдикатот на компанијата од каде што укажаа дека пролонгирањето на проблемот сериозно го наруши работењето на Пошта, како и дека околу 2.300 вработени стравуваат за своите плати и работни места.