Поради снег и силен ветар: Делови од Хрватска без струја, затворен автопатот Риека – Загреб


 
 

Снег паѓа во Горски котар и Лика и во делови од континентална Хрватска – од Загорје, Меѓумурје до Славонија. Силен ветер дува на Јадранот, во Риека ветерот турка дрвја и телефонски столбови.

Целосно е затворена делницата од автопатот Риека-Загреб
Делницата од автопатот А6 Риека-Загреб меѓу клучките Делница и Равна Гора во правец на Загреб и преку тунелот Рожман Брдо во правец кон Риека е затворена поради зимски услови.

Делницата на автопатот А2 Загреб-Мацељ меѓу клучките Крапина и Тракошчан е затворена во двата правци поради сообраќајна незгода.

Во тек е зимското одржување на патиштата, па затоа има чести застои зад зимските сервисни возила, кои се движат побавно. Се молат учесниците во сообраќајот за трпение.

Камионите не можат да стигнат до Јадранот
Поради снегот во Горски Котар и Лика во моментов нема слободен патен правец од внатрешноста кон Далмација, Риека и Истра и обратно за камионите со приколки и сите други возила кои немаат зимска опрема.
Поморскиот сообраќај е во прекин, а поради неповолни временски услови, прекинати се траектните линии меѓу островите и оние кои ги поврзуваат со копното.

Проблеми со ветерот
Поради ветерот на автопатот А7 Рупа-Крижишќе помеѓу клучките Риека исток и Шмрик, јадранската магистрала помеѓу Бакр и Сењ, државниот пат меѓу клучката и градот Крижишќе и локалниот пат Краљевица- Крижишќе сообраќајот е забранет за автобуси, мотоцикли и возила со камп приколки.

Забрана за сообраќај за сите товарни возила поради снег на државните патишта Карловац-Ждихово и Дуга Реса-Јосипдол-Капела.

„Зимските служби беа изненадени од снегот“
„ДЦ1 преку Лика – зимските служби и годинава се изненадени од снег, возиме по завеан државен пат. Возиме слалом поради доцнења предизвикани од возила со летни гуми“, пишува еден читател на хрватските портали.