Пописот во април ќе биде теренски


Пописот во април ќе биде теренски, со комбинирано користење на податоци од регистри. Македонија не е подготвена уште, наместо со попис, сите релевантни податоци од државата да ги собира преку државните институции затоа што тие не се комплетно функционални. Таков систем прво вовела Данска, но бил прифатен и во Исланд, Италија, Финска, Холандија и Шведска. Во време кога имаме слаби државни регистри, ќе биде ли комплетен овој попис? Бизнис заедницата од поодамна бара итен попис. Закажан е за април догодина.

Првиот човек на Државниот завод за статистика вели дека потребата да се направи пописот е итна,  бидејќи сите статистички истражувања се од истражувања од последниот попис кој пак беше во 2002 година.

„Самите излезни резултати кога се пресметуваат како одредени индикатори по жител, на пример БДП по жител, стапки на наталитет, морталитет итн., бидејќи немаме одамна попис, а проценките кои што ги правиме се врз основа на административни податоци и не покажуваат реална состојба на населението, бидејќи недостасуваат миграциите, недостасува иселувањето во странство, што за жал, тешко или поточно невозможно е да се следи статистички и административно. И така ние фактички делиме со поголема маса на население одреден податок за да добиеме некаков индикатор, кој што во суштина е помал од она што е реалната вредност на тој индикатор,  вели Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика за Сител.

Бизнисот веќе од поодамна бара да се направи попис на населението. Со години се тврди дека тоа што немаме реална ситуација ја поткопува и економијата.

„Пописот е важен бидејќи е подлога за секаков вид економска проекција. Од кога го немаме, прашање е дали тие проекции имаат реална основа, вели Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.