Пописот ќе се одржи без оглед на бројот на заразени
Одговорајќи на новинарско прашање околу пописот, премиерот Зоран Заев категорично кажа дека статистичката операција ќе се одржи без разлика на се што ќе се случува во однос на епидемиолошката состојба во државава со корона вирусот.
„Опозицијата пред неколку месеци бараше одложување на пописот кога тогаш имавме по 50 случаи дневно. И рековме дека не знаеме што не чека во септември. И еве, септември ни е на прагот, а имаме високи бројки на заразени. Пописот ќе се одржи, а ќе има и високи хонорари за попишувачите“, рече Заев.
Според него, како наближува 5 септември, денот на почетокот на пописот, се повеќе се пополнува бројот на попишувачи, посебно во оние региони каде што немаше.
-Ја користам приликата уште еднаш да апелирам до граѓаните да се пријават – едноставно е, треба само да се пријаваат на веб-страницата на Заводот за статистика. Важно е заради тоа што ова е операција што се спроведува во нашата земја после 20 години, рече Заев во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата и нагласи дека приходите на попишувачите, односно анкетарите што ќе ја спроведат оваа статистичка операција, ќе бидат помеѓу 25 и 40 илјади денари.
Стравот од пандемијата поколебал некои од пријавените попишувачи и инструктори па голем дел од нив не се појавиле на терминот за обука. Државниот завод за статистика апелира до нив да не се откажуваат и да дојдат на следната нова обука. Од Dржавниот завод за статистика уверуваат дека најголемата статистичка операција ќе се врши по сите протоколи и нема простор од страв и паника поради епидемиолошката состојба. Пописот ќе се врши на отворено, во дворовите на куќите и на простор пред зградите. Лицата кои се во изолација ќе се попишуваат со посебни мерки.