Поместување тешки товари и повторувачки движења се најчести ризици за вработените на работа


Повторувачките движења, несреќите предизвикани на работа во возила, како и поместувањето на тешки товари се најголемите ризици со кои се соочуваат вработените на работното место, покажува истражувањето што го спроведе Европската агенција за безбедност и здравје при работа, а со кое беше опфатена и нашата земја.

Како најчести причини зошто одредените ризици на работното место не се третираат соодветно се посочуваат недостатокот на дополнителна експертиза и долгите процедури, дoдека како најголеми потешкотии во управувањето со безбедноста и здравјето при работа, анкетираните ги посочиле комплексноста на правните обврски, обемната документација, недостатокот на пари и недостатокот на свесност на вработените.

Според истражувањето, нашата држава е некаде на врвот по вклученоста на вработените во пријавувањето на ризиците на работното место. Пред нас се само Португалија, Финска, Швајцарија и Турција.

Во истражувањето беа опфатени 411 илјади лица како сопственици на фирми, менаџери, претставници на вработени за безбедност и здравје при работа, експерти за безбедност и здравје при работа….Истражувањето беше спроведено со цел да се увидат новите и итни ризици.

Резултатите од истражувањето за нашата држава беа презентирани за време на студиската посета на Европската агенција за безбедност и здравје што изминатата недела ја организираше Македонското здружение за заштита при работа.