Половина Аеродром може да се грее од енергијата од отпадот во „Дрисла“


Половина од домаќинствата во Општина Аеродром може да обезбедат греење, ако на депонијата „Дрисла“ се инсталира модерен инселератор, а ако е согорува целиот отпад во неа, ќе може да се загреат 40.000 станови, покажуваат истражувањата на студенти од Машинскиот факултет во Скопје, презентирани во средата.

„Кај секое од истражувањата утврдивме дека постои голем потенцијал за заштеда на енергија, заштеда на сретства, нови вработувања и подобрување на условите во животната средина“, вели менторот Даме Димитровски, професор на Машинскиот факултет во Скопје.

Тој рече дека на Машинскиот факултет во Скопје обработуваат теми поврзани со енергијата и животната средина, идентификувале проблеми кои постојат во животната средина, кои ги загрижуваат граѓаните во урбаните средини.

„Покрај ултрапопуларното загадување на воздухот и бучавата, со студентите со кои работевме по предметот Енергија од отпад, зборувавме за начини за справување со урбаниот комунален отпад и подобрување на практиките во нив“, појасни Димитровски.

Во семинарските работи студентите сугерираат дека регионалните депонии се добро решение и предлагаат, најпрво да се направат тековите на селекција на отпадот од урбаните места, да продолжат со строго контролирање на отпадот од индустријата и дополнително да не се зборува за депонии туку за центри во кои се се справуваме со отпадот на начин на којшто ќе се добиваат нови материјали, енергија, а само тоа што мора, да се депонира на строго утврдени локации, под строго утврдени критериуми.

„Доколку во вакви несоодветни услови кои ги имаме дел од енергијата којашто ја поседува отпадот ја согоруваме во „Дрисла“ и при тоа искористуваме топлинска енергија, околу 40.000 станови би можеле да се загреваат со таа енергија во градот Скопје“, вели Димитровски, потпирајќи се на податоците од семинарските работи на студентите.

Смета дека решенијата што ги нудат студентите за тековите на отпад се вистински решенија по коишто државата треба да постапува, а дополнително треба да им овозможи и подетални истражувања, да им овозможи поголема анализа на тековите на отпад, затоа што “во моментов сите количества отпад коишто ги познаваме се отприлика нешто што сме стекнале како различни информации, а при тоа не сме избројале канти ѓубре, каков отпад, не сме направиле детална хемиска и физичка анализа на отпадот’.

„Во Македонија не постои фабрика за производство на стакло. Целиот стаклен отпад, односно целиот стаклен гранулат наречен кален, којшто се добива со тоа рециклирање на стакло се извезува. Ако отвориме фабрика за рециклирање стакло, ќе можеме и да увезуваме стаклен гранулат, којшто подоцна ќе произведува стаклена амбалажа што ќе можеме да ја извезуваме“, смета Александар Белчовски студент кој во презентацијата укажа дека на балканот постојат само шест фабрики за производство на стакло.

Во Македонија на годишно ниво се депонираат околу 40.000 тони стакло, а постојат неколку фирми кои рециклираат стаклен отпад во Македонија, кој потоа стаклениот гранулат го извезуваат. Белчовски смета дека треба да се обезбедат соодветни места каде ќе можат да се остават стаклени амбалажи, како најразлични контејнери или автомати.

„Ние сметаме дека моментално најголем проблем во нашата земја е несоодветното третирање на отпадот, тоа е депонирањето,а тоа не се препорачува, затоа што пластиката многу тешко се разградува по природен пат, односно од 400 до 1.000 години. Ние најдовме неколку решенинија, а имаме податоци дека околу 14.000 тони пластика се внесуваат на пазарот, а само 19 отсто се рециклираат. Потребно е да се зголеми процентот на рециклирање, со што ќе се подобри здравјето на луѓето, односно животната средина. Потребно е да се направи усовршување на системите за собирање“, смета студентката Јована Лозановска, затоа што во моментот количините кои се рециклираат се базираат на количините кои ги собира неформалниот сектор, односно индивидуални собирачи, а домаќинствата и кумуналните претпријатија се многу малку вклучени.

„Дрисла е единствената регулирана депонија во Македонија, но не работи според поставените стандарди. Треба да се искористат потенцијалите од инсенераторот односно постројката за согорување во „Дрисла“, при што може да се загреваат голем број домаќинства или да се снабдуваат со електрична енергија како домаќинствата така и индустриските потрошувачи. Доколку се модернизира инсенераторот, доколку би се инсталирал поголем инсенератор за согорување, би можеле да се загреат околу 6,5 отсто од вкупниот број домаќинствата, или половина од домаќинствата во Општина Аеродром“, вели Лозановска.

„Во Македонија од годишно 700.000 тони што се создава дури 90 отсто завршува на диви депонии, што е голем проблем. Вакви диви депонии во нашата држава има околу 1.000. Голем проблем е како овој отпад да се складира да се чува и што да се прави со него. Најдовме решенија на кој начин може да се реши овој проблем, односно со депониско решение. Предвидено е да се изградат седум регионални депонии поддржани и со планот од Министерството за животна средина, но овие депонии треба да се изградат според европските регулативи и стандарди“, смета Филип Николовски студент на машинскиот факултет.

Вели дека со новите депонии ќе се уништат дивите депонии кои се најголем проблем во руралните средини каде нема организирано собирање на отпадот.

„Кога ќе биде доставен до депониите потребно е отпадот правилно да се третира, односно да се постави во базени со заштита и од долната и од горната страна, со цел да се заштити околината. Еколошки депонии, кои нема да ги загадуваат воздухот, почвите и водата“, вели Николовски и додава дека може да се добие и депониски гас од кој може да се произведува енергија, со што ќе се намали и емисијата на стакленички гасови.

На Машинскиот факултет биле изработени триесет семинарски теми за различни области, почнувајќи од депонирање на отпадот,  справување со отпадот со депонирање, а со кои се инсистира на рециклирање на отпадот, односно  реупотреба на отпадот како и добивање енергија од него.

Јавната презентација се организира како дел од кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, финансирана од Британската амбасада во Скопје.(Б.Б)