„Политико“: Екатерина Захариева ќе биде еврокомесар за управување со кризи
Поранешната бугарска министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, најверојатно ќе го добие портфолиото за управување со кризи и хуманитарна помош во следната Европска комисија, пишува „Политико“.
Медиумот забележува дека тоа е негова претпоставка, бидејќи Бугарија не аплицира за ниту една од клучните позиции.
„Бидејќи земјата даде два предлози – маж и жена, Захариева речиси сигурно ќе ја добие функцијата бидејќи Урсула фон дер Лајен сака повеќе жени за да има родова рамнотежа во следната комисија“, се истакнува во текстот во кој се наведуваат можните решенија за распределба на ресорите во следната Европска комисија.
Претходно се појавија неофицијални информации дека Захариева, која беше архитект за бугарското вето на Македонија, би можела да го добие портфолиото на регионален развој или транспорт.
Бугарија ѝ понуди на фон дер Лајен двајца кандидати, маж и жена – кандидатот за ГЕРБ Екатерина Захариева и кандидатот за ПП-ДБ Јулијан Попов.
Се очекува во наредните денови Урсула фон дер Лајен на затворена средба со раководството на Европскиот парламент да го претстави предлогот за структурата и составот на новата комисија.
Во октомври се планира предложените европски комесари да бидат испрашувани од пратениците на Европскиот парламент, кои мора да дадат зелено светло за секој од нив поединечно. Пратениците во минатиот состав отфрлија троја од предложените кандидати за еврокомесари.