Погребот на претседателот Глигоров

„Утрински весник“, 3 јануари 2012. Текст за скромниот погреб на Киро Глигоров кој почина на 1 јануари 2012


Некогаш последното патување многу кажува за личноста на патникот. Претседателот Киро Глигоров си го нарача погребот да му биде онака како што живееше. Скромно, умерено и достоинствено. Неговото семејство му ја исполни последната желба. Не ги понесе големината на личноста на првиот претседател на независна Република Македонија и голем македонски деец и општественик. Киро Глигоров вчера во Скопје беше погребан во Алејата на великаните, покрај коските на татко му и мајка му, како обичен простосмртен човек, како татко и дедо… Без говори, без лицемерство, без верски обреди, тивко и со пиетет и почит на неговите најблиски, неговите ќерки, синот и внуците. На неговото последно патување беа најблиските соработници од претседателскиот кабинет, неговото обезбедување и многубројни граѓани, кои иако беа информирани дека погребот е во кругот на потесното семејство, не можеа, а да не дојдат да му искажат последна почит на својот прв претседател.

И во вакви прилики луѓето се љубопитни да дознаат кој дошол, но и кој не дошол да го испрати покојниот. Овој пат тоа не ми беше предмет на внимание. Подобро е да не бидат таму оние што тоа не им личи и што не сакаат. Некогаш и на најголемите лицемери им е тешко да совладаат преголеми количини лицемерство. Знам дека присуството и отсуството на оние што сакате да знаете дали биле или не биле таму камерите и фотографиите тоа најдобро ќе ви го покажат, а јас ќе ве поштедам од моите пребројувања на неоправдано отсутните. Повеќе ме интересираа пораките на Глигоров преку погребната церемонија која сам си ја нарачал и местото каде што ќе биде положен кое, исто така, сам си го избрал пред повеќе години.

Има во сето тоа една голема симболика. Знаел стариот мудрец дека со немањето говори некого ќе спаси од непотребно лицемерство, дека некому тоа ќе му олесни, а некого заслужено ќе натажи. Немањето, пак, верски обреди е храбар чин на државник кој е доследен на својата определба. Познавам многу атеисти кои на крајот беа испратени од овој свет со црковни велкодостоинственици и со алелуја и амин. Глигоров остана доследен на својата атеистичка определба, иако негуваше огромна почит кон црквата и точно го знаеше нејзиното место и улога во општеството. Но, и црквата за негово време знаеше до каде се верските, а од каде почнуваат световните работи.

Гробот на Киро Глигоров, кој сам пред повеќе години го избрал откажувајќи се од посебното место меѓу прерано загинатиот претседател Борис Трајковски и првиот премиер на независна Република Македонија, Никола Кљусев, исто така, испраќа порака за личноста на покојниот претседател. Од десната страна на вечниот дом на Глигоров се гробовите и бистите на Димитар Влахов и Крсте Црвенковски, а од левата страна има едно дрво, како неопходна дистанца, па се гробовите на Љупчо Арсов и Лазо Колишевски. Оние што ја познаваат поновата македонска историја и личните односи и идеолошките разлики меѓу големите македонски политичари и дејци во овој избор на Глигоров ќе откријат код, или некаков знак. Не можел Глигоров да не го види сето тоа и да не обмисли каде ќе биде неговото вечно почивалиште, сместувајќи ги тука коските на своите родители.

Нашиот прв претседател Киро Глигоров остави зад себе аманет и јасен патоказ каде треба да се движи Р. Македонија. На неговите следбеници останува дали и колку ќе го послушаат и дали можат и сакаат да го доизодат патот по кој прв тргна тој.

Последниот цвет вчера пред одарот на Глигоров го стави големиот македонски уметник Глигор Чемерски. Убаво е кога сликари ставаат цвеќе пред државници на нивното последно патување. Мене тоа многу ми кажува. Верувам и вам драги мои читатели.