Поддршката за ЕУ во Македонија е 60 отсто: анкета на Европската комисија
Поддршката за ЕУ во Македонија останува висока – повеќе од 60 отсто од испитаниците се изјасниле дека се за пристапување на земјата во Европската унија – покажуваат резултатите од најновите анкети за перцепција за проширувањето меѓу граѓаните во Западен Балкан, Источното соседство и Турција што денеска ги објави Европската комисија.
„Во земјите-кандидати и потенцијалните кандидати, анкетите покажуваат дека пристапувањето во ЕУ продолжува да ужива јавна поддршка, иако нивоата на поддршка варираат меѓу земјите“, се наведува во соопштението на ЕК.
Според истражувањето на Европската комисија, од земјите од Западен Балкан, поддршката за пристапување кон Унијата е најголема во Албанија (92 проценти) и Косово (83 отсто).
„Повеќе од 60 отсто од испитаниците во Црна Гора, Северна Македонија и Босна и Херцеговина се исто така за пристапување во ЕУ, додека поддршката во Србија изнесува 31 отсто“, наведуваат од Комисијата.
Комесарката за проширување, Марта Кос, изјави: „Како што покажуваат најновите анкети, граѓаните кај нашите партнери за проширување се јасни за тоа што значат поблиските врски со Европската унија во пракса: посилен мир и безбедност, пошироки економски можности и подобри перспективи за следната генерација“.
Поддршката за членство во Европската Унија во Грузија изнесува 71 процент, по што следат Украина со 65 отсто и Молдавија со 58 отсто, додека 46 проценти од испитаниците во Турција изразиле поддршка за членство во ЕУ.
Анкетите се спроведени помеѓу февруари и април 2026 година.