Македонија заостанува, реформите се недоволни: Што стои во извештајот на ЕП
Во Македонија се зголемуваат антиевропските наративи и тоа главно преку медиуми финансисрани од унгарски пари, наведува известувачот Томас Вајц
Вицепремиерот и министер за европски прашања, Беким Сали, е задоволен расправата во Европскиот парламент за Извештајот за Македонија, оценувајќи дека пораките упатени од европратениците претставуваат силна потврда за европската перспектива на државата и дополнителен поттик за продолжување на реформскиот процес.
Сали е задоволен од расправата, но не кажува дали е задоволен од она што го пишува во Извештајот, затоа што таму се набележани остри критики за демократските состојби и се наведува дека има реформски застој во државата.
Извештајот треба да биде усвоен денеска попладне на пленарна седница на Европскиот парлемент и во него има остри забелешки за владеењето на правото, борбата против корупцијата и независноста на судството. Во извештајот пишува дека реформската агенда многу заостанува, дека има политичко мешање во сите сегменти и дека се поткопува довербата во системот.
Посебно зе наведуваат измените на Кривичниот законик, кои од македонската влада беа претставени како чекор напред, додека европратениците на нив гледаат сосема поинаку – создаваат перцепција на неказнивост за висока корупција.
Она што е посбно важно во извештајот се забелешките дека во јавниот дискурс на сите страни се шират антиевропски наративи, вклучително и преку странско влијание во медиумскиот простор. Европратениците предупредуваат дека ваквите процеси ја поларизираат јавноста, ја ослабнуваат институционалната кредибилност и го доведуваат во прашање европскиот курс на државата.
Доколку нема суштински реформи и јасна политичка посветеност Европскиот парламент заклучува дека напредокот на Македонија кон ЕУ ќе остане ограничен.
Известувачот Томас Вајц дава објаснувачка изјава кон Извештајот и во неа тој генерално ги кажува истите работи. Нема многу позитивни оценки во оваа изјава на Вајц, од која Дојче веле ги пренесува најважните детали. За прв пат отворено се наведува дека иако е усогласена со надворешната политика на ЕУ Македонија на неколку пати гласала воздржано за важни меѓународни теми и ја повикува владата кога има дилеми да се усогласи со мнозинската позиција во ЕУ. Вакви гласања имаше неколку во ОН (како на пример, за правата на Палестинците) и Македонија ги следеше насоките од САД, а не позицијата на ЕУ:
Еве што дословно пишува во објаснувачката изјава на Томас Вајц:
– (Европскиот парламент, н.з.) изразува загриженост дека судскиот систем, независноста на судовите и обвинителството, како и напорите за зајакнување на владеењето на правото и рамките за борба против корупцијата не напредувале доволно. Ги повикува политичките чинители итно да се воздржат од политичко мешање во правосудството. Забележува, со загриженост, длабоки структурни слабости и негативни трендови во функционирањето на судството, вклучително и недоволно финансирање и кадровска екипираност на судските институции, што ја поткопува неговата независност. Затоа ја повикува Северна Македонија да го забрза спроведувањето на Стратегијата за реформа на правосудството 2024‑2028.
– Ја нагласува важноста од заштита на интегритетот и независноста на судството, вклучително и преку зајакнување на Судскиот совет во согласност со препораките и мислењето од мисијата за колегијална ревизија на Венецијанската комисија од 2023 година.
– Изразува загриженост дека измените на Кривичниот законик во Северна Македонија, со кои се скратени роковите за застарување и намалени казните за корупција на високо ниво и злоупотреба на службена положба, ги поткопале тековните судски постапки, вклучително и случаи од висок профил, создавајќи перцепција на неказнивост за истакнати политички актери и дополнително ослабувајќи ја довербата на јавноста во судството.
-Констатира, со загриженост, дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата против корупцијата и дека таа останува распространета во многу области; нагласува дека постои значителен и необјаснив јаз меѓу формално најавените истраги за корупција и судските утврдувања на вина во случаи на корупција на високо ниво; ја повикува Владата на Северна Македонија да ја подобри имплементацијата на националната стратегија за спречување на корупција и судир на интереси и да усвои нов Кривичен законик во согласност со законодавството на ЕУ и меѓународните стандарди; понатаму повикува на зајакнување на заштитата на укажувачите (whistleblowers), која останува слаба и ги обесхрабрува лицата да пријавуваат корупција; сепак, го поздравува активното учество на Северна Македонија во Меѓународниот договор за размена на податоци за проверка на имотни изјави, позиционирајќи ја земјата како регионална референтна точка во овој механизам.
– Ја пофалува силната и долготрајна усогласеност на Северна Македонија со надворешната, безбедносната и одбранбената политика на ЕУ, вклучително и во однос на рестриктивните мерки; сепак, жали поради зголемувањето на воздржаноста при важни гласања во меѓународни тела наместо следење на мнозинската позиција на ЕУ; затоа ја повикува Владата на Северна Македонија, во случаи на дилема, да се усогласи со мнозинската позиција во ЕУ.
– Жали што е постигнат мал напредок во законодавството за животната средина; повикува, особено, на итни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот и водата и управувањето со отпадните води, вклучително и преку зголемено и јасно наменско национално финансирање за инфраструктура за водоснабдување и канализација во урбаните и руралните области, интегрирање на селските водоводни системи во јавните комунални претпријатија каде што е тоа изводливо, со јасно распределени институционални надлежности, редовни санитарни и лабораториски контроли со јавно објавување на резултатите и засилен инспекциски надзор, вклучително и воведување санкции за нерегулирани, слабо одржувани или загадувачки системи.
– Констатира, со загриженост, постојано високи нивоа на загадување на воздухот, особено во урбаните средини, кои се силно поврзани со согорување јаглен и производство на цемент; во овој контекст изразува сериозна загриженост за новиот Закон за контрола на индустриски емисии и ги повикува властите да го изменат преку транспарентна и инклузивна јавна постапка со учество на сите релевантни чинители, особено експерти за животна средина и организации на граѓанското општество; ја нагласува итната потреба од подобрување на квалитетот на воздухот во градовите, вклучително и преку мерки како воведување зони со ниски емисии и набавка на современи, помалку загадувачки возила за јавен превоз.
Антиевропски наративи преку унгарски медиумски лица
– Изразува загриженост поради стратешкото преземање на клучни телевизиски станици и новински портали од страна на унгарски медиумски лица, со што се овозможува антиевропските наративи да навлезат во јавната дебата во Северна Македонија.
– Изразува сериозна загриженост поради упорните обиди да се искриви јавната дебата и да се поткопа довербата во демократските институции и европскиот пат на земјата преку координирана манипулација со информативното опкружување, вклучително и прикриени операции на влијание и злонамерни наративи; повикува ЕУ и нејзините земји членки да вложат дополнителни напори за поддршка на Северна Македонија во борбата против злонамерното странско мешање во земјата, вклучително и преку техничка помош.
– Подвлекува дека треба да се подобри правната заштита на правата на ЛГБТИК+ лицата и да се адресира говорот на омраза против заедницата, вклучително и онлајн; длабоко е загрижено од ескалацијата на омразата кон ЛГБТИК+ лицата и организациите на граѓанското општество во Северна Македонија.
Врските со Србија и илибералната агенда
– Констатира, со загриженост, сè посилни врски меѓу Северна Македонија и Владата на Србија, која спроведува илиберална агенда; дополнително предупредува на растечкото економско и политичко влијание на Кина во регионот, особено преку инфраструктурни проекти и кредитирање; со еднаква загриженост забележува извештаи за руски напори за проектирање влијание во Северна Македонија; повикува ЕУ да ја поддржи Северна Македонија во зајакнување на отпорноста кон надворешно влијание што се спроведува преку верски мрежи; изразува загриженост поради наративите што се промовираат во регионот и кои го доведуваат во прашање суверенитетот и територијалниот интегритет на државите, вклучително и тнр. „српски свет“.
– Потсетува на потребата од отворање на архивите на југословенските тајни служби (УДБА и КОС), кои се чуваат и во Северна Македонија и во Србија; ја нагласува потребата овие архиви да се отворат на регионално ниво за да се справи со тоталитарното минато на транспарентен начин, со цел зајакнување на демократијата, одговорноста и институциите во Западен Балкан.
За спорот со Бугарија
Во однос на спорот со Бугарија и почетокот на преговорите со ЕУ, Извештајот содржи повеќе повици без одложување да се изгласаат уставните измени, но паралелно и повици билатералните спорови да не се користат за блокада на европскиот пат на земјата:
– Потсетува дека билатералните спорови меѓу државите треба да се решаваат преку отворен дијалог, со вклучување на граѓанското општество и експертите, и преку вистинска соработка, во добра вера и во согласност со меѓународното право, и дека не треба да се инструментализираат во процесот на пристапување.
– Нагласува дека јазичниот, културниот и националниот идентитет се автентична основа на секоја држава и не треба да биде доведуван во прашање од трети страни; дополнително забележува дека ваквите прашања не треба да влијаат врз процесот на пристапување во ЕУ, кој се фокусира на спроведувањето на правото на ЕУ и усогласувањето со вредностите и принципите на ЕУ утврдени во Копенхашките критериуми и принципите на добрососедски односи, и кој треба да биде воден од објективни критериуми и да се заснова исклучиво на заслуги; цврсто ја отфрла етнонационалистичката реторика, вклучително и од политички актери, која поттикнува поделби и ги поткопува добрососедските односи и односите меѓу етничките групи и заедници; повикува ЕУ да ги засили напорите за ограничување на таквата реторика и нејзиното влијание.
Сублимирано, во објаснувачката изјава Томас Вајц вели:
„И покрај некои позитивни реформски чекори, напредокот во реформската агенда поврзана со ЕУ – особено во клучните области како што се владеењето на правото, реформата на правосудството и борбата против корупцијата – е недоволен. Ова се должи на изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и недостатокот од континуирана политичка посветеност“.