Почнува постапката за избор на нов државен јавен обвинител


 Собранието го објави денеска во Службен весник огласот за нов државен јавен обвинители, кој ќе го замени Љубомир Јовески чиј мандат истекува следниот месец.

Според Законот за јавно обвинителство се предвидува рокот за пријавување на кандидатите да е 15 дена од денот на објавувањето во „Службен весник“. За јавен обвинител  може да биде именувано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.

Јавниот обвинител се именува од Собранието, по предлог на Владата со мандат од шест години и право на повторно именување. За својата работа и работата на Јавното обвинителство одговара пред Собранието.

Листата со кандидати се доставува до Советот на јавни обвинители, којшто во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето треба да достави до Владата образложено позитивно или негативно мислење во писмена форма за сите пријавени кандидати на огласот што ги исполнуваат условите согласно со закон. Потоа, Владата до Собранието доставува предлог за именување на јавен обвинител од пријавените кандидати за кои Советот на јавни обвинители дал позитивно мислење. За кандидатот што ќе го предложи Владата за јавен обвинител, кон предлогот се доставува и мислењето од Советот на јавни обвинители.

Ако Советот на јавни обвинители од оправдани причини во рокот не достави мислење до Владата тој (рокот) се продолжува уште за 15 дена. Ако и во овој рок, Советот на јавни обвинители не достави мислење, се смета дека мислењето е позитивно.

Доколку Советот на јавни обвинители не даде позитивно мислење за ниту еден од пријавените кандидати, Владата на Република Северна Македонија не може да утврди предлог за именување на јавен обвинител и ќе му предложи на Собранието да го повтори огласот.