Почнува монтирањето на новиот топловод под мостот Беласица


АД ЕСМ и ЕСМ Дистрибуција на топлина денес ги започнаа активностите на терен за монтирање на новите цевки на топловодот под мостот Беласица, соопштија компаниите .

Поставувањето на топловодот ќе се спроведува во наредните месеци со цел, комплетно да биде подготвен за ставање во функција во текот на претстојната грејна сезона.

Како што посочува во соопштение до медиумите Петар Милетиќ, новиот директор на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија новите раководства на двете компании се соочиле со предизвикот да преземат ургентни мерки за надминување на пречките што предизвикаа застој во поставување на цевководот. 

До целосната реализација на зафатот, испораката на топлинска енергија кон централниот дел од градот, како и во изминатата грејна сезона, ќе се врши преку функционалниот крак на примарниот топловод „А“, вклучувајќи ги и количините што ги испорачува ТЕ – ТО. Со тоа и понатаму целосно ќе бидат задоволени потребите на потрошувачите на топлинска енергија, дури и во случај на ниски надворешни температури, се вели во соопштението до медиумите.