Почна судењето на екс-директорката на Средношколскиот дом во Битола

На Елена Спасеновска седна ѝ се суди за злоупотреба на службата и други кривични дела. Крунскиот сведок кажуваше детали за пензионерот и службените патувања


Од судењето на Елена Спасеновска

 

БИТОЛА – Екс-директорката на Средношколскиот дом во Битола, Елена Спасеновска, седна на обвинителна клупа во Основниот суд во Битола каде ѝ се суди за злоупотреба на службата и други кривични дела, процес поттикнат од истражувачката новинарска сторија на Анета Блажевска од Битола. Спасеновска, меѓу другото, се товари за неосновани исплати на пензионерот Менде Петровски, за заеднички службени патувања во странство, за јавни набавки за фасификување исправи, за фалсификување документи…

На Спасеновска ѝ суди кривичниот судија Елена Журовска, додека обвинението го застапува обвинителката Ирена Атанасовска од ОЈО Битола. 

Спасеновска ја бранат двајца адвокати (Полина и Олег Ѓоргиеви), на претходното рочиште беше на боледување, денес на самиот почеток нејзините бранители и самата таа побараа од судијката да се зборува погласно на судењето оти обвинетата имала проблем со притисокот па како што рече „скроз ми се затнаја ушите и затоа ако можи погласно“. Судијата прифати.

На самиот почеток Спасеновска кажа дека е вработена во основно училиште во Битола, дека е средноимотна, неосудувана, но потврди дека за неа се води постапка за друго кривично дело.

Обвинителката Ирена Атанасовска рече дека останува во целост на поднесеното обвиниение од октомври 2025 година и побара судот да пристапи кон изведување на доказите.

Бранителот на оштетеното правно лице ДУД „Мирка Гинова“ Битола, адвокатот Здравко Камбовски пред судот изнесе дека имаат оштетно побарување од обвинетата Спасеновска во износ од 1.430 865 денари (околу 23.000 евра).

„Имајќи ги предвид доставените докази од ОЈО Битола, сметам дека постојат услови обвинетата во оваа постапка да биде задолжена да ги надомести овие средства“, рече адвокатот на Средношколскиот дом, Камбовски.

По ова судијата ја повика Спасеновска да се произнесе дали разбира за што е обвинета и дали се чувствува виновна, а таа кажа: „Не се чувствувам за виновна, не – воопшто за ниту едно од кривичните дела за кои сум обвинета“.

По ова започна доказната постапка и распит на сведокот на обвинителството, вработениот правник во Средношколскиот дом во Битола, Филип Ивановски, инаку секретар на институцијата од ноември 2022 година. Кога судијката го запраша Ивановски во какви односи е со бившата директорка тој кажа во „никакви“.

Ивановски одговари на прашања на обвинителката Атанасовска поврзани со обвинението за неоснованите исплати на пензионерот Менде Петровски.

Обвинителката праша – дали додека е Ивановски секретар на некој му е одбиено барањето за годишен одмор како што Спасеновска го одбила работникот Менде Петровски да оди на одмор. Ивановски кажа дека „досега на никој од вработените, освен на Менде не му било одбиено ниту едно барање за користење на годишен одмор, особено во летниот одмор кога работењето на Домот е сведено на минимум“.  

По ова сведокот Ивановски кажа дека пензионерот Менде Петровски не доаѓал на работа радовно или доаѓал по час – два и си заминувал иако бил платен да работи. Ивановски рече дека за пензионерот Петровски постоеле повеќе договори за негово ангажирање.

Обвинителката Атанасовска праша што се случуваше во Домот по објавите во поралот „Апла“ (истражувачките текстови на новинарката Анета Блажевска)

Сведокот Филип Ивановски кажа дека по објавите во „Апла“ ситуацијата во домот станала неподнослива.

„Имаше викање, хистерија, тропање од страна на директорката Спасеновска, навредување на вработените, се сомневаше во секој од нас дека дава податоци во ‘Апла’, до тој степен беше хистеријата, да не речам лудилото, сега ми се треси душата. Го чекавме ревизорот Андреј од Прилеп, седевме заклучени во канцеларијата до 20 или 21 часот навечер, надвор од работно време. Мојот и нејзиниот телефон ги ставаше во целофан над касетофонот за да не фаќала фреквенција за да не прислушува некој, почна да вика дека ова му го правеле политички партии“, рече сведокот Ивановски и потврди дека по ова однесување околу 17 вработени пријавиле малтретирање, вознемирување и терање на вршење на незаконски работи од страна на директорката.

Ивановски наброи дека на вечерните средби доаѓал и пензионерот и ревизорот од Прилеп и адвокатот Олег Ѓоргијев.

„Кога не сакаше бившата директорка да ги предаде документите ги клоцаше под бирото во присуство на вработени. Настана хаос, дојде полиција и на лице место од чантата на директорката извадија патни налози (кочани), искинати документи и записници, документи од финансова полиција“, рече Ивановски. 

Обвинителката праша и за записниците на Управниот одбор и службеното патување на директорката во Требиње, БиХ . Сведокот Ивановски тука кажа фрапантни информации.

„Во Требиње мислам дека и Менде беше присутен, бидејќи не беше евидентирано никаде беше променета страна од записникот на Управниот одбор. Јас пишувам записници со проред 1,5 а таа (Спасеновска) на нејзиниот компјутер ја смени страната со проред 1. Откако го преправи го испечати и го стави во евиденција. Сите предмети од УО седеа заклучени во нејзината канцеларија по објавите на ‘Апла’ и ‘Независен’. По извесен период го даде нејзиниот компјутер на преинсталирање од вируси“, сведочеше Ивановски и кажа дека подоцна спорниот записник бил доставен до Економски криминал при СВР Битола.

Обвинителката праша дали и други документи се преправале, на што приговараа адвокатите на Спасеновска, но судијката Журовска го дозволи прашањето.

Тогаш Ивановски кажа дека имало кинета хартија на нејзиното биро, но не прецизираше.

Кога обвинителката Ирена Атанасовска праша дали и други лица со договор на дело оделе на службени патувања со Спасеновска, им биле исплаќани дневници и користеле службени телефони на товар на Домот, освен пензионерот Петровски, сведокот рече:„Не, јас не знам за такви“.

Обвинителката праша – кога се случи преправањето на записникот за патувањето во Требиње? Сведокот Ивановски кажа –„после објавите во ‘Апла’ и ‘Независен’, во пролетта 2024 година“.  

Сведочењето продолжи околу ангажирањето на сметководствената фирма „Сејф акаунт“ од Битола од страна на Средношколскиот дом и прашањето дали било се спроведено според Законот за јавни набавки. Па сведокот кажа дека во еден период имало договор со сметководството без јавна набавка.

По ова и бранителите на обвинената, адвокатите Ѓоргиеви почнаа со прашања за сведокот Ивановски, но како прашуваа, обвинителката Атанасовска приговараше дека или сведокот веќе одговорил или дека прашањата не се релевантни за постапката. Судијката ги прифати приговорите на обвинителството на дури пет прашања на одбраната и кажа дека сведокот веќе одговорил.

Бранителите на Спасеновска го прашаа Ивановски – дали како сведок на некакви незаконски работи од страна на Спасеновски пријавил до надлежните служби?

Ивановски рече дека –„првиот момент кога осетив страв дека ќе бидам избркан од работа, бидејќи индиректно добив закана, јас пријавив во Трудова инспекција, заедно со колегите и во СВР Битола.“ 

Судењето продолжува за една недела кога се очекува да бидат сослушани сведокот Ана Павловска и вештите лица Ирена Нешковска и Татјана Кузмановска.

Инаку, како што е познато обвинетата Елена Спасеновска за погоре споменатото ја тужеше за клевета новинарката Анета Блажевска, а судијата од Основен суд Кирил Јовановски ја осуди новинарката. Сега Блажевска чека пресуда по жалбата од Апелација.