Почина Жилијет Греко, француска културна икона 


Франција – Жилијет Греко, пејачка, глумица, културна икона и муза на француските егзистенцијалисти по Втората светска војна, почина во нејзиниот дом во Раматјел, во јужна Франција, близу Сен Тропе. Имаше 94 години.

Како што велат нејзините почитувачи и обожаватели, во нејзината седумдецениска кариера, со експресивните очи и длабокиот, рапав глас, наследени од нејзините предци Грци, најчесто облечена во црно, таа ги направи бесмртни некои од најпознатите француски песни, како што се класиците „Под париското небо“ и „Мразам недели“.

Жилиет Греко е родена на 7 февруари 1927 година во Монпеље и „по осаменото детство, без татко и без љубовта на нејзината мајка“, како што самата рече во еден документарец, таа му се предала на боемскиот живот дружејќи се со интелектуалците на повоена Франција. Започнала како актерка во Париз, 1946 година, каде што, покрај другите, на уметничкиот „Лев брег“ го запознала и филозофот Жан-Пол Сартр. Тој за неа ја изговорил познатата реченица – дека „има милион песни“ во нејзиниот глас.

 

Таа беше во друштво и со многу писатели и уметници современици, како Албер Ками, Жак Превер, Жан Кокто и Борис Вијан, кога и беше наречена „муза на егзистенцијализмот“.

Во средината на 1940-тите, романсиерот Ремон Кено и филозофот Жан-Пол Сартр ги напишаа песните „Si tu t’imagines…“ и „La Rue des Blancs-Manteaux“, што ѝ донесе на Жилиет Греко прв успех во брилијантна кариера. Пееше и песни од Бартол Брехт, Франсоа Саган и други.

Била и политички активна, особено за време на демонстрациите 1968 година.

По долга врска со американскиот џез-трубач Мајлс Дејвис, Греко имаше неколку бракови, со глумецот Филип Лемеро, со кого добија ќерка, потоа – со Мишел Пиколи и на крајот со Жерар Жуане – од 1988. до неговата смрт во 2018 година.

Меѓу нејзините најпознати шансони се „Parlez-moi d’amour“, „Paris Canaille“, „Accordeon“ и „Je suis comme je suis“. Во 2015 година, ја одржа прошталната турнеја наречена „Merci“ (благодарам), која траеше една година. Глумеше во филмовите „Орфеј“ (1950) на Жан Кокто и „Добар ден, таго“ (1958) на Ото Премингер.