Почина Сиксто Родригез, легендарниот „Шугар мен“ од документарецот кој доби Оскар

Смртта ја потврдила неговата ќерка Реган и неговата официјална веб-страница, пишува „Детроит њуз“


Легендарниот музичар Сиксто Родригез почина на 81-годишна возраст.

Сиксто Дијаз Родригез, како што беше неговото полно име, се здоби со меѓународна слава откако беше тема на документарниот филм „Searching for Sugar Man“, награден со Оскар, а почина во вторникот вечерта.

Родригез неодамна беше во лоша здравствена состојба, но не е познато каде починал. Сепак, неговата смрт ја потврдија неговата ќерка Реган и неговата официјална веб-страница, пишува „Детроит њуз“.

„Изразуваме длабоко сочувство до неговите ќерки Сандра, Ева и Реган и до целото негово семејство“, се вели во објавата на веб-страницата.

Тој е роден во Детроит и има издадено неколку албуми во текот на годините, од кои повеќето не успеаја во САД, но поминуваа одлично во Јужна Африка.

До 2010-тите никогаш не знаел колку биле успешни. Во Јужна Африка тој беше поголем од Елвис.