Почина Мексиканецот заразен со нов вид на птичји грип
Светската здравствена организација (СЗО) го потврди првиот смртен случај на човек заразен со подтипот на птичји грип Х5Н2. Тоа е и прв случај на инфекција со птичји грип во Мексико.
„Ова е прв лабораториски потврден случај на инфекција со птичји грип од подтип А (H5N2) кај луѓето и прва инфекција со вирусот H5 во Мексико“, се вели во соопштението на СЗО.
СЗО наведува дека мажот не бил изложен на живина или други животни. Во април добил треска, отежнато дишење, дијареа, мачнина и општа слабост, а една недела подоцна побарал лекарска помош. Тој почина истиот ден поради компликации. Мажот имал хронична бубрежна болест, дијабетес тип 2 и висок крвен притисок, соопшти мексиканското Министерство за здравство.
Ниту еден од луѓето кои биле во контакт со него не бил заразен, а не е идентификуван изворот на инфекцијата. Мексиканското Министерство за здравство соопшти дека ризикот од инфекција кај населението е низок.