Почина легендарниот Војкан Борисављевиќ, автор на хитовите „Одисеја“ и „А сега, адио“


Србија– Композиторот и диригент Војкан Борисављевиќ почина денеска во Белград на 74-годишна возраст, пишува српски „Новости“. Ќе остане запаметен како автор на хитовите како „Одисеја“, „Љубовта е само збор“ и „А сега, адио“.

Неговата кариера траеше повеќе од пет децении. Роден е на 5 мај 1947 година во Зрењанин, а од 1948 година живее во Белград. 

Целиот работен век го помина како слободен уметник во рамките на Здружението на композитори на Србија со статус на истакнат уметник. Компонирал музика за театар, филм и телевизија, популарни и детски песни, инструментални композиции и аранжмани, кои сочинуваат неколку стотици дела од различни жанрови.

Автор е на повеќе од 500 песни за најпознатите југословенски пејачи – Лео Мартин, Здравко Чолиќ, Ѓорѓе Марјановиќ, Мики Јевремовиќ и многу други. Тој исто така компонирал музика и за бројни телевизиски серии и филмови, како што се „Сивиот дом“ и „Жежок ветер“.