Почина легендарната Селма од една од најубавите балади на Бијело дугме


Селма Бориќ од песната на Бијело дугме „Селма“, почина на 92-годишна возраст, потврди Жељко Бебек за Аваз

 

Зеничанката Селма Бориќ, која е опеана во безвременската рок балада на Бијело Дугме, почина на 92-годишна возраст, јави Дневни аваз.

Веста ја потврди долгогодишниот пријател на Селма и поранешен фронтмен на култниот бенд, Жељко Бебек.

„Ова утро нејзиното семејство ме извести, бидејќи не ја посетив долго време поради короната. За жал, староста ја однесе, но таа заспа во мир и да остане така во мир. Замина мојата Селма. И натаму ќе ѝ пеам и ќе ја спомнувам пред публиката затоа што песната го носи нејзиното име, а песната опишуваше дел од нејзиниот живот, убав дел од нејзиниот живот. На тој начин ќе бидеме среќни да ја запомниме “, рече скршениот Бебек за Аваз, пренесува Дневник.хр.

Тој исто така се прости од Селма на својот профил на Инстаграм.

„Патувај Селма … Почивај во мирот Божји“, напиша пејачот покрај нивната заедничка фотографија.

Песната „Селма“ е еден од најголемите рани хитови на групата Бијело дугме, која не ја губи својата популарност со децении. Текстописецот Владо Дијак ѝ ја посвети на жената во која беше толку вљубен што нејзиното патување на факултет го претвори во една од најубавите љубовни песни во регионот.

Дијак ја запознал фаталната Селма уште во 1945 година, кога имала само 16 години. Иако тој никогаш не ѝ изјавил љубов на неа, сите дознале за неговите чувства кон неа преку легендарната песна.

Селма се пожали на осаменост пред неколку години, па Бебек почна редовно да ја посетува и заедно го прославија нејзиниот 90. роденден.