Почина композиторот Берт Бакарах, награден со Оскар и со Греми
Неговата песна „Raindrops Keep Falling on My Head“, изведена од Би-Џеј Томас за филмот „Буч Касиди и Санданс Кид“, освои и „Греми“ и „Оскар“ во 1969 година
Американскиот пејач, текстописец, пијанист, продуцент и еден од најголемите композитори во историјата на поп-музиката, Бaрт Бакарах почина на 94-годишна возраст од природна смрт.
Го дочекал својот крај завчера во својот дом во Лос Анџелес, Калифорнија, опкружен со најблиските. Семејството во овие мигови моли за невознемирување.
Бакарах е автор на хитови, како „Raindrops Keep Fallin’ On My Head“. Текстописецот и пијанист напиша стотици песни од 1960-тите до 80-тите, од коишто добар дел – со неговиот долгогодишен текстописец Хал Дејвид, кој почина во 2012 година на 91-годишна возраст.
Бакарах има напишано хитови за многу познати уметници, како што се Сила Блек, Дасти Спрингфилд, сер Том Џонс и „Карпентерс“.
Американската пејачка Диона Ворвик беше меѓу неговите омилени соработници, коавтор на хитот од 1985 година – „That’s What Friends Are For“, во којшто учество зедоа Елтон Џон, Стиви Вондер и Гледис Најт.
Бакарах беше номиниран за 21 „Греми“ награда и освои шест статуетки. Исто така, тој е трикратен добитник на „Оскар“. Неговата песна „Raindrops Keep Falling on My Head“, изведена од Би-Џеј Томас за филмот „Буч Касиди и Санденс Кид“, освои и „Греми“ и „Оскар“ во 1969 година.
Беше коавтор на насловната песна од извонредната комедија „Артур“ заедно со Кристофер Крос за која добија Оскар.