Андреј Лазаров, фудбалерот на Шкупи починал во болницата во Штип каде беше пренесен утринава по трагедијата во Кочани.

Лазаров имаше само 25 години. Тој како вистински херој ги спасувал животите во запалената дискотека, немал потешки изгореници ама вдишувал од чадот што бил присутен во просторијата и тоа било пресудно.

И покрај тоа што претходно Шкупи информираше дека 25-годишниот Андреј е на интензивна нега, но е надвор од животна опасност, сепак по само неколку часа Лазаров не ја издржа битката за животот.

„Иако претходно имавме информации од неговото семејство дека е во стабилна состојба, со длабока болка и огромна тага ја споделуваме веста дека нашиот фудбалер, Андреј Лазаров, е потврден како една од жртвите во трагичниот пожар што се случи во текот на ноќта во Кочани. Како херојска душа што беше, Лазаров го загуби животот обидувајќи се да им помогне на другите да се спасат од просторот зафатен од пожар. Тој се задуши од чадот за време на неговите обиди да спаси животи, покажувајќи храброст и хуманост до последниот момент. Неговиот херојски чин засекогаш ќе остане во нашето сеќавање, како сведоштво за неговиот благороден карактер и неговото големо срце. Ова е огромна загуба за нашиот клуб, за неговите соиграчи и за целата фудбалска заедница. Зборовите се мали за да ја опишат болката што ја чувствуваме во овие моменти, во оваа трагедија – една од најголемите во која е погодена нашиот клуб во неговата историја.

ФК Шкупи изразува најискрено сочувство до неговото семејство, неговите блиски и целото големо семејство на нашиот клуб. Андреј беше дел од Шкупи само шест месеци, но неговото име засекогаш ќе остане неизбришлив дел од нашиот тим. Споменот за него ќе живее вечно во нашите срца“ – информираат од Шкупи.

25-годишниот Андреј, кој е од Кочани, во Шкупи дојде пред шест месеци откако претходно настапуваше за хрватските прволигаши Горица и Рудеш. Во младинските фудбалски денови настапуваше за Металург, а во домашното првенство има настапи и за Тиквеш и Работнички. Неговиот последен фудбалски натпревар беше вчера на дуелот на Шкупи против Пелистер во 24. коло од Првата македонска фудбалска лига кога ги одигра своите последни 30 минути на фудбалските терени.