Почина Чарли Вотс, легендарниот тапанар на „Ролинг Стоунс“

Англија – Тапанарот на Ролинг Стоунс, Чарли Вотс почина денеска во болница на 81 -годишна возраст, соопшти неговиот портпарол.
– Со огромна тага објавуваме дека нашиот сакан Чарли Вотс почина. Почина мирно во болница во Лондон во кругот на своето семејство, изјави портпаролот на Вотс.
Веста за смртта дојде неколку недели откако беше објавено дека Вотс нема да учествува во новата американска турнеја на Стоунси за да се опорави од медицинска интервенција. Во 2004 тој се лекуваше од рак на грлото.
Неговиот стил на живот додека беше на турнеи беше во директна спротивност со тој на другите членови од бендот. Беше познат по тоа што ги одбиваше женските што му се пуштаа, и остана верен на сопругата Ширли со која се венчаа во 1964. Сепак во средината на 1980-те, за време на она што го нарече криза на средните години, Вотс се оддаде на дрога и алкохол и стана зависен од хероин.
„Тоа стана толку лошо, што дури и Кит Ричардс ми рече да се приберам“, кажа подоцна Вотс.
Кризата траеше 2 години и Ширли беше таа што му помогна да си дојде на себе.
Секогаш дотеран – беше на неколку листи за најдобро облечен маж на светот – Вотс остана цврсто на земјата во целата кариера со најдолготрајниот бенд на светот.
„Треба да е секс, дрога и рокенрол. Јас не сум таков. Никогаш не ги сметав Ролинг стоунс за нешто“, кажа Вотс.