Победничката на наградата „Роксан Стојанов“, Виола Имери, заминува на професионален престој во Париз



Победничката на првото издание на националната награда „Роксан Стојанов“, во организација на Интерарт културниот центар и Францускиот институт во Скопје, младата балетска уметница Виола Имери, од 3 до 12 јули 2026 година ќе престојува во Париз, заедно со нејзината менторка Дафина Данилоска Кочевска.

Патувањето, престојот и професионалната програма се организирани од Интерарт културниот центар, Францускиот институт и Амбасадата на Франција во Скопје, со поддршка на Амбасадата на Република Северна Македонија во Париз, Божиновски часовници и Фондација Божиновски.

Овој престој е дел од наградата „Роксан Стојанов“, востановена со цел да им овозможи на младите балетски и танцови уметници реална професионална поддршка, меѓународно искуство и директен контакт со врвни уметници и институции. Првото издание на натпреварот се одржа на 18 април 2026 година, на сцената на Македонскиот народен театар, во рамки на отворањето на 22. издание на Танц Фест Скопје. Натпреварот и наградата ‘Роксан Стојанов’ се одржуваат под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. На натпреварот учествуваа 13 селектирани млади уметници, а во финалето  настапија 5 финалисти: Виола Имери, Антонија Атанасова, Јана Кепевска, Мила Николова и Теа Серафимов.

Жири-комисијата беше составена од Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера, Антонио Конфорти, солист на Париската опера, Сандра Мијалкова, примабалерина на Националната опера и балет, Н.Е. г-дин Кристоф ле Риголер, амбасадор на Франција, и проф. д-р Рисима Рисимкин, кореографка и уметнички директор на натпреварот. Првото место ѝ беше доделено на Виола Имери, второто место на Антонија Атанасова, а третото место на Јана Кепеска. 

Антонија Атанасова и Јана Кепеска, како второ и третонаградени учеснички, добија дипломи и стипендии за учество на СИД кампот, кој ќе се одржи од 17 до 23 август 2026 година во Скопје, со што наградата продолжува да отвора можности и за поширока група млади танцови уметници. 

Програмата за Виола во Франција е подготвена од Роксан Стојанов и нејзиниот тим. Веќе на почетокот на престојот, Виола ќе отпатува во Евиан, каде што на 5 јули ќе има можност да настапи во рамки на Rencontres Musicales d’Évian / Музичките средби во Евиан, во програмата „Танц и музика“, заедно со Роксан Стојанов.

Во Париз, Виола ќе учествува на програмата на Балетската школа на Париската опера, каде што ќе посетува часови по класичен балет со Стефан Булион, современ танц, џез, јога и репертоар со Мириел Але. Програмата вклучува и посета на претстави во Пале Гарние, Театар де ла Вил и Опера Бастиља, како и ден посветен на запознавање со секојдневието на една ѕвезда на Париската опера, средба со Роксан Стојанов и присуство на проби.

Предвидени и посета на Пантеон, посета на Версај, можност за следење на претставата „Марија-Антоанета“ на Маланден Балет Бијариц во Кралската опера во Версај, како и интервју со француската новинарка Валери Гаже од Франс Инфо.

Во рамки на престојот планирани се средби и вмрежување со личности од светот на балетот и културата, како и средба со Роксан Стојанов и Н.Е. г-дин Игор Николов, Амбасадор на Република Северна Македонија во Париз. 

„Ова е непроценливо искуство кое во иднина ќе го одреди патот на Виола и ќе ѝ помогне да стигне онаму каде што навистина заслужува да биде. Фестивалот во Евиан за нас претставува предизвик кој со драго срце го прифаќаме. Честа и задоволството се неизмерни – едноставно нема зборови кои би го опишале чувството#,  izjavi Дафина Данилоска Кочевска, менторка на Виола Имери.