По битолски села се пие нечиста вода, мештаните не сакаат да плаќаат сметки


Водата во селото Бистрица на пет километри од Битола не сакаат нивниот систем да биде приклучен на градскиот водовод за да не плаќаат сметки. А водата што ја користат таму не е за пиење

За да бидат приклучени на вододоводната мрежа на битолското комунално претпријатие „Водовод“ мештаните треба да плаќаат сметки за вода, а тие не го сакаат тоа, па одбираат да пијат бактериолошки загадена вода

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Голем е бројот на села во Општина Битола каде низ чешмите тече хемиски и бактериолошки неисправна вода за пиење. Најголемиот проблем за ваквата состојба не е дека не можат да имаат пристап до чиста вода за пиење, туку што не се согласуваат да плаќаат сметки за вода на ЈКП „Водовод“ Битола кое стопанисува со градскиот водовод. Голем дел од селата кои се на патот кој води до македонско-грчката граница (Бистрица, Олевени, Канино, Барешани, Велушина…), селата во Потпелистерието (Трново, Магарево…) , села во општините Могила и Новаци вода пијат од селски водоводи. Па, во чешмите дома им тече вода со видливи нечистотии, раски, земја, жолтила. Во резервоарите често има и пцовисани животинки, инсекти и глувци.

Од Центарот за јавно здравје Битола, велат дека од земените мостри на ниво на трите пелагониски општини каде има селски водоводи кај две третини водата е неисправна за пиење.

„За првите шест месеци од оваа година земени се 88 мостри од локални селски водоводи во општините Битола, Новаци и Могила, кај 69 од мострите водата  е неисправна, или од овие земени мостри 78 проценти е бактериолошки нечиста, додека хемиски и физички е во ред. Консумирање на бактериолошко неисправната вода е ризик по јавното здравје, со причина за појави на проливи и повраќања и други цревни заразни болести“, ни изјави д-р Емилија Богоевска,  специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Едно од селата со селски водовод е Бистрица кое се наоѓа на само пет километри од Битола.

„Вода од сите чешми во куќата и дворот не пиеме, иако имаме два филтри ставени пред главниот саат и два дома. Пиеме исклучиво од кујната бидејќи за таму купивме филтер од 500 евра. Тој филтер не може секој да си го дозволи. Но децата ни се мали и мора да го намалиме ризикот. Водата е нечиста, со земја, и тоа се гледа со голо око, а најдобро на филтрите кои секој ден се полни со тиња. Испраните алиштата кога ќе ги истресам имаат земја“, вели Виолета Н. жител на Бистрица.

Според жителите на ова село, водоводот во Бистрица не е приклучен на градскиот водовод, бидејќи мештаните многу вложиле во водоводната инфраструктура и затоа не сакаат да им го предадат на јавното претпријатие и потоа да плаќаат сметки за вода.

„Целиот водовод е изграден од нас селаните, сега ќе треба сѐ да му дадеме на ‘Водовод’ на готово, без да нѐ ослободи од плаќање на сметки барем неколку години“, велат жители на Бистрица.

Од градскиот водовод летово се троши по 650 литри во секунда чиста вода за пиење од изворите на Пелистер – Сапунчица, Лак Поток и Црвена.

 

И филтерот за вода не може да запре сѐ од загаденоста

На водоснабдителниот систем на Битола приклучени се 39 селски населби, од кои 22 од Општина Битола, 8 од Општина Новаци и 9 од Општина Могила. Покрај овие села, уште два селски водоводи се предадени на управување на ЈКП „Водовод“ – Лисолај и Лопатица, кои засега се снабдуваат од сопствени извори, но Лопатица е вклучена во заедничкиот довод, заедно со Секирани и Габалавци, од каде наскоро ќе добиваат вода од градската водоводна мрежа. За Лисолај е изработена техничка документација за приклучување на градската водоводна мрежа.

Од ЈКП „Водовод“ велат не може да се снабдуваат граѓаните со чиста вода без да плаќаат сметки, бидејќи селските водоводи им се стари, дотраени и со лош квалитет, за што претпријатието ќе мора да инвестира.

„Најголем дел од селата кои имаат сопствен систем за водоснабдување немаат желба да го предадат системот на управување на ‘Водовод’, зашто тоа би значело и редовно плаќање на сметки за вода. Во овој момент, во најголем број од овие села не се плаќа за водата, а со тоа и ниеден од овие системи не се одржува редовно. Системите се стари по повеќе од 40 години и имаат големи загуби на вода, што е една од причините за нејзин недостигот, покрај слабата издашност на изворите. Во ваквата ситуација, најчесто вода имаат оние куќи кои се лоцирани најниско во селата, додека горните куќи се соочени со недостиг на вода. Така, половина од селото е задоволно со состојбата, додека другата половина не е, а за преземање на системот од страна на ‘Водовод’ потребна е согласност со потписи од 50 отсто +1 од жителите“, ни рече директорот на „Водовод“ Горан Козаров.

Квалитетот на вода за пиење во сите села кои се приклучени на градската водоводна мрежа е според Правилникот за вода за пиење. Покрај квалитетот на водата, во летниот период се јавува голем недостиг на вода во овие села.

Во дел од селата во Потпелистерието – Братиндол и Дихово, како и дел од селото Ниже Поле домаќинствата добиваат вода од зафатите на „Водовод“ – Битола, но водата е технолошка т.е. непрочистена.

Еден од проблемите на „Водовод“ ова лето е што добар дел од водоводниот систем кој минува низ селата се уништува за селаните да си ги наводнуваат нивите. Така претпријатието јавно апелираше до жителите на селото Алинци да ги пријават сторителите кои во изминатите денови намерно ја оштетуваат цевката за вода која поминува кај мостот за селото која го снабдува ова населено место и околните села со чиста вода за пиење.