Платформата за онлајн учење ќе биде многу корисна, уште да проработи


За два дена треба да почне учебната година, која годинава, поради пандемијата од корона вирус, кај нас почнува со задоцнување од еден месец. Откако Владата одлучи со физичко присуство настава да следат само учениците од прво до трето одделение, се појави потреба од униврзална алатка за следење онлајн настава, па за таа цел беше изработена Националната платформа за онлајн учење.

– Од минатиот викенд се споделуваа кориснички имиња и лозинки за учениците, кои успешно се најавуваа на Платформата. Во текот на вчерашниот и денешниот ден се тестира користењето на платформата и јасно е дека може да се појавуваат проблеми во тест фаза. За многу брзо време тие ќе бидат отстраниети  и се надевам дека МОН ќе обезбеди квалитетна настава за сите ученици – вели д-р Николче Шулески професор во средното економско училиште „Јане Сандански“ од Битола доктор по науки за методика во онлајн наставата и национален обучувач за користење на платформата „мудл“.

Тој е еден од 30-те национални обучувачи кои во изминатиот период обучија 1.650 наставници ширум Македонија, кои пак обучија 24.000 наставници за користење на оваа модерна алатка неопходна за спроведување на онлајн настава, многу потребна во време на епидемија.

Некои одржаа пробен час

Дел од наставниците и учениците вчера и денеска успеаја да одржат пробен час, но некои сѐ уште чекаат внесување на учениците по класови или воопшто не можат да пристапат до платформата.

Од МОН тврдат дека тоа е очекувано, односно дека токму затоа се одвиваат и овие тестирања и не станува збор за некаков проблем со платформата.

– Тестирањето е дел од постапката за постигнување целосна функционалност на платформата и во тест-фазата се детектираат и се надминуваат сите предизвици. За да обезбедиме потполно функционална платформа до почетокот на учебната година, тестирањата продолжуваат и во наредните денови – велат од МОН.

– Учениците брзо ќе се снајдат. Добро се снајдоа и наставниците. Добро е да учиме преку оваа платформа и кога би почнале настава со  физичко прусуство. Видео наставата може да биде ко-алатка кога на пример повеќе деца се отсутни од часови, поради болест или некоја друга причина.  Дефинитивно треба да се доработи. Еве, денеска се обидовме со учениците да одржиме пробен час, што не беше можно, но отидовме директно преку „Тимс“ и им дадовме насоки на децата за од четврток како треба да почне наставата – вели професорката Јелена Арсовска,  од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“, која работела и како обучувач за националната програма.

– Овој вид на онлајн настава е нов и свесен сум дека ќе треба време односно период на привикнување како на наставниците, на училишните колективи, но и на учениците и родителите. Ги охрабрувам сите да ја користат програмата која е лесна за користење – вели Шулески.

Платформата е стабилна и корисна

– Чест ми е што нашата земја почнува со воведување онлајн настава и токму преку платформата „мудл“, која е најшироко распространета во светот. Онлајн наставата во Македонија се изведува со два сегмента – се користи „Мајкрософт тимс“ за аудио и видеокомуникација со учениците, алатка преку која наставниците ќе стапуваат во контакт со учениците и настава, поточно местото каде што учениците ќе учат, читаат, слушаат и ќе пишуваат домашни задачи и ќе се тестираат и така натаму, односно местото каде што ќе се одвива наставниот процес е националната платформа за учење на далечина – вели Шулески.

Шулески со своите ученици од 2014 до 2016 година ја поставил првата официјална „мудл училница“ преку која, како што вели, се  вршеше усвојување на германскиот јазик, низ која поминале 240 ученици.

– Се покажа дека овој начин на учење е доста добар, ги поттикнува учениците на учење, интересен им е и прифатлив – додава тој Шулески.

Да се интегрира е-дневникот 

Дека Националната платформа не е доработена и ги нема сите потребни елементи кои може да ги содржи за да ја исполнува функцијата за која е наменета потврдува Арсовска, која вели дека  школите имаат проблеми со е-дневникот, па деновиве внесуваат податоци за наназад две години.

– Не можам да разберам зошто тој не е интегриран во националната програма која треба да ги содржи податоците за цел образовен систем. Во е-дневникот има наставни планови, секој професор внесува податоци за часот кој го одржал. Зошто тоа мора два пати да го работиме, зошто Програмата за онлајн учење не ги повлекува самата тие податоци што еднаш сме ги внесле во е-дневникот, туку мора три пати исти податоци да внесуваме на три различни места. Прашував дали може да им доставиме списоци со децата за да ги внесат тие од ФИНКИ што работатат на развој на програмата, нѝ рекоа дека не може. Па сега, тоа работиме, ние деноноќно внесуваме податоци додава Арсовска.

Фото: Б. Грданоски

Смета дека Националната програма треба да е сеопфатна, па така би била одличен ресурс на податоци и за државата и за наставниците, учениците и за родителите.

– Проблем има и со делот на човечки ресурси. има професори кои работат во три различни училишта, добиле еден акаунт, па не знаат дали со него може да се вклучат од трите различни училишта, во кои предаваат. Доколку сакаш да отвориш втор или трет акаунт, тогаш системот те исфрла затоа што го препознава матичниот број и вели дека веќе те има. Сепак, тоа се мали финеси кои треба да се доработат. Како програмер знам што може да се сработи, ама некој треба да го сработи. Нас никој не нѐ викна да нѐ праша што нѝ е потребно. Тие смислија програма, формираа тим и ја сработија, а сега ги согледуваме недостатоците – вели Арсовска.

Платформата е една од најраспространетите во светот и доста е стабилна, тврди Шулески, кој смета дека по тест-фазата сите ќе го согледаат тоа. Горд е што Македонија ќе има платформа за 300.000 корисници, со што ќе ја надмине Австрија која досега имала најголема платформа за 230.000 корисници.(Б.Б.)