Од Верди до Штраус: Славниот тенор Пласидо Доминго вечер настапува во Скопје


Славниот шпански тенор и диригент Пласидо Доминго вечер во 21 часот ќе одржи концерт во арената „Борис Трајковски“. Со него ќе настапи и Марија Хозе Сири – една од водечките сопрани во светот, заедно со оркестарот на Македонската опера и балет. Диригент ќе биде Жорди Бернасер од Шпанија. 

Пласидо Доминго пристигна во Скопје во средата. Без ни минута одмор, славниот маестро од аеродромот директно се упати кон Националната опера и балет, каде заедно со оркестарот на НОБ ја одржаа првата проба.

Вечерашниот оперски концерт ќе има два дела. Првиот ќе биде со дела од италијанската музичка литература, а вториот дел ќе биде проткаен со шпанското музичко творештво и со неколку арии од оперетите на Штраус и Лехар.

Концертот го организира Македонската опера и балет со „Прагма продукција“, а со поддршка од Министерството за култура и туризам. 

Директорот на Македонската опера и балет Оливер Арсовски минатиот месец на прес-конференција нагласи дека овој концерт е шанса за позиционирање на државата на светската сцена.  – Се надевам и сигурен сум дека ќе има бис, изјави Арсовски.

Пласидо Доминго има кариера, која се протега 50 години, и е заслужен дел од светската оперска уметност. Досега имал над 150 солистички улоги, над 4.400 настапи и над 600 настапи како диригент. Доминго, како што рече, е едно од најпочитуваните имиња во класичната музика, освојувајќи безброј признанија, вклучително и 12 „Греми“ награди. Доминго бил член на Тројцата тенори, режисер, диригент, почесен уметнички директор на Стогодишниот фестивал Арена ди Верона и генерален директор на Операта во Лос Анџелес и Националната опера во Вашингтон.

Марија  Хозе Сири е драмски сопран број еден во светот. Досега имала над 150 настапи, а во 2010 година настапи на Мајските оперски вечери.

Концертот ќе го диригира шпанскиот диригент Жорди Бернасер, кој од 2012 година соработува со Пласидо Доминго. Тој е еден од врвните шпански диригенти.

null

Како што информираа од „Прагма продукција“, гостувањето на Доминго е специјално и не е дел од некаква турнеја. Најавија дека продукцијата и озвучувањето на концертот ќе биде перфектно, додавајќи дека ова не е прв концерт на Пласидо Доминго во спортска сала. 

– За една мала земја како што сме ние, ова е од големо значење. Маестро Доминго не почитува и како земја, тоа може да го видите во изјавите, и без никакво наше нагласување, земјава ја претстави како Македонија, во сите негови изјави и на неговата официјална веб-страница, соопштија од „Прагма продукција“.

Маестро Доминго во пресрет на концертот преку видео изрази задоволство што ќе настапи во земјава и најави настан што долго ќе се памти.

– Програмата на концертот ќе ги разбуди сите емоции: радост, смеа и, се надевам, моменти кои ќе ги паметиме засекогаш. Ова е моја прва посета на Македонија и навистина сум возбуден што конечно ќе ја доживеам магијата на вашата прекрасна земја”, порача Пласиди Доминго.