Националниот џез оркестар со концерт посветен на Сашко Николовски


Националниот џез оркестар денеска ќе приреди јубилеен концерт посветен на 40-годишната уметничка кариера на тромбонистот, аранжер и композитор Сашко Николовски.

Овој концерт, како што посочуваат од Националниот џез оркестар, претставува омаж на една кариера што зад себе остава длабока трага во современата македонска музичка култура. Публиката ќе има можност да слушне избор од авторските композиции и аранжмани на Николовски, но и дела од други значајни македонски автори и соработници – Трајче Велков, Зоран Костадиновски, Гордан Спасовски, Џијан Емин, Иван Петровски и други.

Под диригентската палка на Џијан Емин, концертот ќе понуди музичка приказна што ги обединува различните периоди, соработки и влијанија кои ја одбележале четиридецениската кариера на Сашко Николовски.

Како еден од најактивните музичари на нашата сцена, Сашко има реализирано безброј концерти во земјава и надвор од неа. Со професионален ангажман во оркестарот на Националната опера и балет сè од 1986 година, тој низ децениите остава длабок печат во бројни состави: како член на Квартетот тромбони, со концерти во Сплит, Омиш, Макарска и Хвар, во оркестарот на МРТВ, бендот на Тоше Проески, Националниот џез оркестар, Гоце Стевковски Септет и многу други.

Како круна на неговото долгогодишно творештво се појавува и неговиот прв авторски проект – албумот „Not for Sale“, на кој свират дел од најпрепознатливите имиња на домашната џез-сцена, обединувајќи осум композиции инспирирани од класичните и модерните текови на џезот.

На концертот ќе настапат и специјални гости, меѓу кои Сашо Гигов-Гиш, Дарко Мучев – Мучо, Стефче Стојковски и Теодор Стојковски – Катин.