Изложба „Љубовници во пандемија“ од Јана Манева-Чупоска во Венеција


Изложбата „Љубовници во пандемија“ (Pandemic Lovers) на проф. д-р Јана Манева-Чупоска денеска ќе биде отворена во галеријата Venezia Kunst Depot – Arts Space Venice во Венеција. Изложбата претставува авторски ликовен проект во кој интимноста, љубовта, сеќавањето и човечката блискост се истражуваат низ специфичен визуелен јазик, развиен преку цртежот, фигуративниот израз и експресивната линија.

Во фокусот се односите меѓу личното и колективното искуство, меѓу присуството и отсуството, како и меѓу потребата за блискост и дистанцата што ја наметнуваат кризите на современото живеење.

Преку циклусот дела „Љубовници во пандемија“, Манева-Чупоска ја трансформира интимноста во ликовен простор на емоции, ранливост и лична меморија. Цртежот станува средство за истражување на човечката фигура и односите меѓу луѓето, но и начин да се забележат невидливите психолошки состојби што го обликуваат индивидуалното искуство. Нејзиниот авторски пристап се темели на фигуративен израз, комбинирање различни медиуми и техники и интердисциплинарно поврзување на визуелното, емоционалното и концептуалното.

Проф. д-р Јана Манева-Чупоска е визуелна уметница, дизајнерка и истражувачка, чиј професионален и творечки ангажман ги поврзува современата уметност, традиционалната култура и истражувањето на културното наследство. Дипломирала сликарство со конзервација и реставрација на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а специјалистички студии по сликарство и рачно изработено стакло завршила во Прага. Магистерската работа ја посветува на темата „Интимност – откривање на скриеното, криење на откриеното“, додека докторирала во областа на фолклористиката со истражување на естетските и структурните карактеристики на македонската народна носија, со посебен фокус на мијачката носија и нејзините трансформации во современиот моден дизајн.

Нејзината уметничка практика се одликува со препознатлив фигуративен израз и интерес за интимноста, идентитетот, меморијата и културното наследство. Паралелно со уметничкото творештво, таа остварува значаен академски и истражувачки ангажман. Од 2025 година работи како виш научен соработник за традиционални занаети и вештини во Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ во Скопје. Во својата досегашна кариера била професорка, деканка на 
Факултетот за арт и дизајн и ректорка на Европскиот универзитет во Скопје во периодот 2018–2019 година.

Претседателка е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ), каде што се залага за развој на современите ликовни практики, реализација на изложбени проекти и унапредување на меѓународната културна соработка. Нејзиниот ангажман како уметница, истражувачка и организаторка на културни проекти ја поврзува индивидуалната авторска практика со поширокиот контекст на современата македонска култура.